Линкови за пристапност

САД: ОН да одговорат на севернокорејската најава за нуклеарно тестирање


Неколку часа откако Северна Кореја најави дека ќе изврши тестирање на нуклеарно оружје, американскиот амбасадор во ОН Џон Болтон побара реакција од Советот за безбедност. Тој ја означи најавата на Пјонгјанг како сериозна закана и испит за светската организација:

- Во Советот за безбедност имаме многу разговарано за превентивна дипломатија. Оваа закана на Северна Кореја е одличен пример што би претставувал своевиден испит за употребата на превентивна дипломатија.

Советот реагираше на севернокорејското тестирање на проектили во јули со усвојување на резолуцијата 1695, што налага Пјонгјанг да ги суспендира сите активности поврзани со балистички проектили и забранува увоз или извоз на севернокорејска ракетна опрема.

Советот, барем засега, директно не реагираше на најновата севернокорејска закана. Не беше издадено соопштение. Амбасадорите се согласија повторно да се сретнат денеска и да разговараат за евентуалната стратегија. Но, Болтон предупреди дека молкот на Советот не треба да се прима како недостаток на решеност:

- Северна Кореја не треба да го сфати молкот како помирување. Северна Кореја треба да повеќе да биде загрижена поради молкот на Советот за безбедност денес, отколку да издадевме соопштение од неколку реченици за медиумите. Се надевам дека молкот индицира дека мошне сериозно ќе го земеме предвид она што кажавме во резолуцијата 1695 за програмите на Северна Кореја за развивање на оружје за масовно уништување и балистички проектили.

Кинескиот амбасадор во ОН Ванг Гуангуа ги повика сите страни да покажат воздржаност и се заложи за обновување на дијалогот во кој се вклучени Северна и Јужна Кореја, Јапонија, Русија, Кина и САД. Северна Кореја се повлече од разговорите пред речиси една година, и кинескиот амбасадор изрази сомневање дека Советот за безбедност ќе може ефикасно да реагира додека тие не продолжат.

Северна Кореја веќе подолго време тврди дека поседува нуклеарен арсенал, но засега нема податоци дека извршила негово тестирање. Во последното соопштение, Пјонгјанг соопшти дека е „принуден“ на тестира нуклеарна направа поради американскиот притисок.

XS
SM
MD
LG