Линкови за пристапност

Македонија треба да се залага за асоцијативно членство со ЕУ, но истовремено да се бори и за полноправен статус


Македонија треба да се залага за асоцијативно членство со ЕУ, но истовремено да се бори и за полноправен статус, смета Емилио Виано, професор по меѓународно право при Американскиот Универзитет во Вашингтон. ЕУ во моментов е исцрпена од процесот на проширување, вели Виано, но тоа е привремена фаза што нема долго да трае.

На последните изјави на неколку европски лидери дека ќе има одложување на проширувањето на ЕУ по влезот на Романија и Бугарија на 1-ви јануари 2007-ма, професорот по меѓународно право Емилио Виано од Американскиот Универзитет во Вашингтон, гледа како на ситуација од типот – преголем залак:

- Може да се сфати дека има исцрпеност од процесот. Се уште лебди во воздух прашањето во врска со Уставот на Унијата. Според мене се работи само за привремен застој. Ако ЕУ сака рапидно да се прошири во правец на Балканот, веројатно нема да има доволно фондови на ефективен начин да им помогне на тие земји.

Кога Источна Европа ќе се стабилизира, тогаш пристапните фондови од ЕУ може да се пренасочат кон Балканот. Во овој момент, во Брисел нема ниту политичка волја, ниту пари за влез на нови членки, смета Виано:

- Не е лоша идеја е да се развијат асоцијативни врски со ЕУ. Хрватска и Македонија може да станат асоцијативни земји, по примерот на Турција и Израел, кои веќе имаат исти царини, слободни трговски врски со членките на ЕУ. Ќе им недостасуваат само некои од привилегиите што ги имаат полноправните членки, како гласање и влијание во политиката на Унијата.

Виано најавува дека на самитот на шефовите на држави и влади на ЕУ во декември ќе има голем притисок врз Унијата да се одреди датум за почеток на преговори со Македонија; да го започне процесот, што би бил побавен:

- Според мене, имајќи ги во предвид актуелните случувања, за Македонија тоа би било подобро. Ако работите се движат побавно додека станува целосна асоцијативна членка, тогаш ЕУ ќе има енергија, знаење, експертиза и фондови, навистина да и помогтне на Македонија да оствари напредок. Доколку одат брзо, мислам дека работите би се одвивале разочарувачки за Македонија.

Тој е сепак оптимист. Откако ќе бидат надминати несогласувањата внатре во Унијата, особено со европскиот Устав, според професорот Виано, процесот на проширување ќе продолжи во следните две до четири години.

XS
SM
MD
LG