Линкови за пристапност

Дора Бакојани, грчки министер за надворешни работи - Поддршката на проширувањето на ЕУ


Грчкиот министер за надворешни работи Дора Бакојани во Вашингтон говореше на тема „Интегрирана стратегија за југоисточна Европа – Улогата на Грција“, при што говореше за придонесот на Атина за приближување на Балканот до ЕУ.

Бакојани рече дека Европа ќе биде посилна и покомпактна ако обезбеди место за вклучувањето на балканските земји. Во излагањето на идејата за обедината Европа, пред американскиот аудиториум ги изнесе постигнувањата за сите земји одделно, како стекнувањето статус на земја-кандидат за влез во Унијата на Македонија, на пример, и потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Албанија и ЕУ:

„ЕУ е најголем донатор во Југоисточна Европа. За време на периодот од 2000-та до 2006-та, Унијата оддели 4, 6 милијарди евра за земјите од Западниот Балкан.“

Шефот на грчката дипломатија во Вашингтон ги претстави целите на Атина за следниот период - унапредување на човековите права, обезбедување одржлив економски развој за регионот, како и интензивирање на меѓусебната соработка.

Министерот Бакојани предочи дека Грција е странски инвеститор број 1 во Македонија, Албанија и Србија, а се наоѓа на второто место во Романија. Според неа, преку грчки инвестиции во регионот се отворени 200.000 нови работни места, а главна цел ќе биде формирање слободна економска зона во регионот и модернизирање на коридорите што ќе ја олеснат комуникацијата за бизнис:

„Грција нагло стана средиште на енергетските мрежи во регионот. Договор за стратегиска важност, потпишан од Русија, Бугарија и Грција, чии лидери се сретнаа пред неколку седмици во Атина, отвори пат за изградба на нов нафтовод, што ќе го поврзува црноморското бугарско пристаниште Бургас со грчкото Александрополис на Егејското Море.

Крајна цел е формирање единствен енергетски пазар на Балканот, идеја што Грција интензивно ќе ја форсира меѓу европските партнери во наредниот период, најави Бакојани.

XS
SM
MD
LG