Линкови за пристапност

Средби на претседателот Црвенковски во Њујорк


Од полскиот претседател Лех Качински претседателот Црвенковски добил уверување за натамошна поддршка на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО. Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана го поддржал во напорите што Македонија ги прави за да го положи следниот тест за влез во Унијата, за добивање датум за почеток на преговорите.

Со генералниот секретар Кофи Анан разговарале за техничкото прашање на демаркацијата на границата со Косово, затоа што, како што кажа самиот Црвенковски, „ако некој може нешто да стори на Косово, тоа се ОН“. Македонскиот претседател е убеден дека меѓународната заедница на Косово ќе остане уште многу години.

На нашето прашање што се случува со преговорите за разликите во врска со името, со оглед дека нема видлив напредок од минатата година по последниот прифатен предлог на медијаторот Метју Нимиц, Црвенковски рече дека прашањето за името е толку големо и сериозно, што тој не гледа од аспект кога, туку како ќе се реши. Тој додаде дека никогаш не би направл компромис да се дојде до брзо решение. Освен тоа, кажа Црвенковски, Македонија е во многу подобра преговарачка позиција отколку пред 5 години, илустирајќи го тоа со се́ помасовната поддршка на меѓународен план.

Бројот на држави-членки на ОН кои ја признале Македонија под уставното име е 113, што е огромно мнозинство. Три од петте членки на Советот за безбдност во билатералните односи и́ се обраќаат на земјата под Уставното име. Таквиот позитивен развој, вели Црвенковски, покажува дека времето работи само за нас.

XS
SM
MD
LG