Линкови за пристапност

Средба Буш – Мушараф во Белата куќа


Претседателот Џорџ Буш денеска во Белата куќа се сретна со својот пакистански колега Первез Мушараф. Тие разговараа за широк круг меѓународни и регионални прашања.

Двајцата лидери на прес-конференција по средбата кажа дека имале искрен дијалог и ја зајакнале меѓусебната доверба.

Претседателот Мушараф рече дека Вашингтон и Исламабад се во заедничка потрага по Осама бин Ладен, и дека нема потреба јавно да се диксутира нејзината стратегија и тактика.

Претседателот Буш рече дека имал мошне искрен разговор со генералот и дека се восхитува на неговата храброст. Пакистанскиот претседател, рече Буш, е цел на екстремисти и терористи бидејќи е силен и умерен лидер.

Генералот Мушараф возврати дека претседателот Буш има волја и желба да го разреши палестинското прашање, што, според него, е јадрото на меѓународниот тероризам.

Двајцата лидери разговарале и за односите на Пакистан со Индија и Авганистан. Генералот Мушараф рече и дека на средбата го објаснил неодамнешното примирје меѓу пакистанската армија и проталебанските паравоени единици во полуавтономните племенски области во Пакистан.

Американскиот претседател додаде дека пакистанскиот колега го уверил оти земјата ќе одржи слободни и праведни избори.

Пред средбата, генералот Мушараф за емисијата „60 минути“ на телевизијата Си-Би-Ес изјави дека САД се заканиле дека ќе го бомбардираат Пакистан доколку земјата не соработува во борбата против тероризмот по нападите врз САД во 2001-ва. Во интервјуто, што ќе биде емитувано в недела, пакистанскиот лидер кажа дека таквата закана ја упатил заменик-државниот секретар Ричард Армитиџ.

Армитиџ, пак, реагираше дека никогаш не се заканил дека САД ќе го бомбардираат Пакистан, но затоа кажа дека на времето упатил остра порака до оваа земја – „или сте со нас, или против нас.“

Портпаролот на Белата куќа, Тони Сноу изјави дека американска политика е да не се упатуваат закани за бомбардирање.

XS
SM
MD
LG