Линкови за пристапност

Обраќање на претседателот Црвенковски во ОН


Покрај обраќањето на заседанието на Генералното собрание на ОН, претседателот Бранко Црвенковски денеска имаше и уште еден важен настан – средбата со Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан.

Црвенковски му се заблагодари на господинот Анан, кој го привршува својот 10-годишен мандат, за целокупниот ангажман и сите активности на ОН поврзани со Македонија, од моментот на станување на постојана членка на светската организација, вклучувајќи го посебно испраќањето на мировниците за обезбедување на границата за време на конфликтот.

На средбата било разговарано и за Косово. Претседателот Црвенковски истакнал дека Македонија се залага ова прашање да се затвори што е можно поскоро, на начин што ќе овозможи стабилизација на регионот. „Македонија е непосреден сосед на Косово и на конструктивен начин придонесува во процесот во рамки на своите можности“, рекол господинот Црвенковски.

Тој средбата со Анан ја искористил од него да побара личен ангажман, пред да се донесе и да стапи на сила одлуката за конечниот статус на Косово, да се реши прашањето за техничко одбележување на македонската северна граница во делот со Косово. Како што изјави портпаролот на претседателот Црвенковски, Кофи Анан ветил дека ќе посвети внимание на ова барање.

Друга тема на средбата Црвенковски – Анан, било прашањето за спорот меѓу Македонија и Грција во врска со името. Македонскиот шеф на државата го истакнал позитивниот ангажман на медијаторот Метју Нимиц и секретарот Анан го информирал дека Македонија го прифатила последниот предлог од минатата година кој станал добра основа за продолжување на разговорите. Обајцата лидери се согласиле дека процесот што тече во ОН е добар за регионот и меѓусебните односи на повеќе нивоа.

Средба со новинарите имаше и грчката министерка за надворешни работи, која иако не изложи нови информации за процесот, изрази верба за решение, прифатливо за обете страни, што позитивно ќе се одрази на целокупната состојба во регионот.

Сите овие точки беа содржани и во обраќањето на претседателот Црвенковски на Генералното собрание. Својот говор тој го започна со светски актуелната тема – предизвикот на борбата против тероризмот.

„Тероризмот стана наше трагично секојдневие, стекнувајќи се со нови и сестрани димензии во се поглобализираниот свет, влијаејќи врз нас на еден или на друг начин“, кажа претседателот Црвенковски.

Тој изрази задоволство од усвојувањето стратегија на ОН за борба против тероризмот, со зборовите – „беше крајно време да дадеме цврст меѓународен одговор на ова зло.“

Последен настан денеска во ОН беше специјалната сесија на Советот за безбедност, со единствена точка на дневниот ред – состојбата на Блискиот исток, на која присуствуваше и американскиот државен секретар Кондолиза Рајс.

XS
SM
MD
LG