Четворица ученици од Делчево кои победија на меѓународниот натпревар за креирање веб-сајт добија награди во американскиот Стејт департмент.
Наградата во американскиот Стејт департмент им беше врачена на средношколците Зоран Димитровски, Ана Георгиевска, Елена Георгиевска и Жикица Паговски од Делчево, кои победија на меѓународниот натпревар, наречен „Врати на дипломатијата“ за креација на интернет-страница. Тие го освоија првото место во светски рамки, третирајќи ја темата сиромаштија и предизвиците за нејзино искоренување.
- Сиромаштијата претставува голем проблем. Не само ширум светот, туку и во Македонија. Има многу сиромашни деца кои бараат помош, затоа решивме да го обработиме тој проблем, да ја презентираме сиромаштијата како проблем на денешницата и заедно да изнајдеме решение кое во партнерство со светските владини и невладини организации, ќе ја намалиме сиромаштијата и ќе ја искорениме.“, смета Жикица Паговски, ученик од Делчево.
Од каде идејата за веб-страницата меѓу македонските средношколци?
- Сурфајќи по интернет и читајќи книги од поодамна, еден ден забележав дека една од Милениумските цели на ОН е Борбата против сиромаштијата. Таа цел треба да биде реализира од 2005-та до 2015-та. Таму се упатува дека невладиниот сектор со сите училишта треба да реагира за кревање на свеста кај оние владини институции со што на некој начин би можеле да влијаеме за намалување на сиромаштијата, откртива ученичката Елена Георгиевска.
Мината година учествувале на истиот натпревар и освоиле пофалница. Освоеното прво место ќе биде мотив и за други средни училишта во Македонија, следната година да се натпреваруваат со свои врсници од сите делови од светот.
Нивното училиште Методи Митевски-Брицо ќе добие награда од 500-тини долари. Наградените ученици ќе добијат по 2000 долари за нивно понатамошно школување.