Линкови за пристапност

Буш во ОН: Да формираме свет без тероризам


Американскиот претседател смета дека во борбата меѓу екстремистите и умерените на Блискиот Исток во залог е самата иднина на светот:

- Мора да ги поддржиме демократските лидери и умерените реформисти ширум Блискиот Исток. Мора да ја поддржиме надежта на чесните мажи и жени кои за своите деца ги посакуваат истите нешта што ние ги посакуваме за своите.

Во вчерашното обраќање на првиот ден од Генералното собрание на ОН, Буш говореше за свет без тероризам, каде слободата и почитувањето на човековите права се сметаат за норма. Правејќи го тоа, тој всушност им се обраќаше на две публики: дипломатите-учесници на Генералното собрание, и народот на Блискиот Исток:

- Мојата земја посакува мир. Екстремистите шират пропаганда дека Западот е вклучен во војна против исламот. Такавата пропаганда е погрешна и нејзината цел е да ве збуни и да ги оправда терористичките активности.

Американскиот лидер додаде дека целта на САД е да помогнат во формирање на толерантни и надежни општества на луѓе, без разлика на вероисповедта. Тој им порача на Ирачаните дека може да сметаат на континуирана американската поддршка, а на Авганистанците дека земјата нема да биде предадена на терористи и екстремисти. Џорџ Буш говореше и за желбата да им помогне на Либанците во обновата на земјата, а изрази и поддршка за умерените палестински лидери кои се залагаат за иднина на мир.

За Иран и Сирија, американскиот претседател рече дека владите на овие земји не го почитуваат правото на слобода на тамошните народи и ги спречуваат да го остварат својот потенцијал:

- Најголемата пречка е што вашите владетели избраа да го одречат вашето право на слобода, а ресурсите на земјата ги користат за финансирање на тероризмот, поттикнување на екстремизмот и набавка на нуклеарно оружје.

Остри зборови Буш упати и до владата на Судан, која одби распоредување на мировници на ОН во Дарфур. На народот од овој регион, американскиот претседател му порача:

- Доколку суданската влада не дозволи распоредување на мировните сили во скоро време, ОН мора да реагираат. Во прашање се доведени вашите животи и кредибилитетот на светсската организација.

Претседателот назначил и специјален американски претставник за Судан. Тоа е Ендрју Натсиос, поранешен директор на Американската агенција за меѓународен развој.

XS
SM
MD
LG