Линкови за пристапност

За околу две години – ќе има видливи резултати на економско-социјален план


Потпретседателот на владата на Република Македонија за економски прашања Зоран Ставрески за Глас на Америка на македонски вели дека може да се очекуваат промени во правец на намалување на сиромаштијата и невработеноста во следните две години. Тој вели дека Светската банка и ММФ ја поддржале одлуката на владата да им помогне на земјоделците со намалувањето на даноците за нивните дејности.

На самиот почеток на својата работа новата влада на Република Македонија се соочува со два социјално-економски проблема – невработеноста и сиромаштијата на македонското население. Има ли лек?

- Лек има, но нема лек кој брзо го решава овој проблем. И невработеноста и сиромаштијата се креирани во долг период и секако не може веднаш да се решат, но може да се почне со нивно решавање. Сметам дека за период од околку две години ќе има видливи резултати.

Имате ли решение како Македонија да ги зголеми инвестициите - домашни и странски, да ја намали јавната потрошувачка и да ја зголеми понудата и конкуретноста на домашните производи?

Тоа се крупни теми и секоја за себе е комплекесна. Има решенија во однос на зголемувањето на странските инвестиции и конкурентноста. Мислам дека е најважно да се создаде рамен терен за игра за сите инвеститори – независно дали се мали или големи, странски или домашни. Оние кои се успешни и имаат добри идеи и проекти и финансирање треба да успеат. Останатите веројатно нема да успеат во таква конкуренција. Важно е државата да го обезбеди тој рамен терен, и да обезбеди фунцционирањето на државните инситуциите да биде пријателско спрема бизнисмените. Бизнисот треба да чувствува дека има партнер во државата, а не дека решенијата му се наметнати, или пак, дека бирократијата и корупцијата му прават проблеми при реализирање на идеите.

- Кои се првите очекувања од новата влада на кус рок од Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд?

Очекувањата се во две насоки: прво да се обезбеди континуитет во спроведување на реформите. Новата влада не само што ќе го одржи правецот на спроведување на реформите туку и ќе го продлабочи целиот процес, и ќе за забрза целата динамика. Второ, во однос на макроекономската стабилност, разговаравме со ММФ и ги уверувме дека тоа останува наша определба - без макроекономска стабилност нема предвидливост за инвеститорите и за приватниот сектор. Немаме дилеми дека тоа е рамката во која треба да се прават структурните реформи, кои треба да ја подобрат состојбата во земјата. Ние имаме свои видувања за структурата на трошоците на буџетот, дека може да се измени и тоа да се направи во насока на зголемување на капиталните инвестиции.

-На првата седница, новата влада го намали Данокот за додадена вредност – ДДВ за земјоделците на 5 проценти. Како се задоволни меѓународните финансиски институции за оваа одлука?

- Во принцип меѓународните финансиски инситуции сугерираат да нема намалувања на даноците за пооделни сектори. Меѓутоа прифаќаат дека ова решение е специфично за секторот земјоделство, кое мора да се прифати и примени. Таму се работи за индивидуални земјоделци кои немаат можност за враќање на ДДВ-вето. Во сите други сектори, вклучувајќи го и градежништвото, станува збор за регистрирани фирми кои може да се вратат дел од данокот на крајот од годината. Земјоделците немаат таква можност и затоа беше нужно да им се помогне на ваков начин. Од страна на владата постои уверување дека нема таа мерка во однос на Данокот на додадена вредност, да се применува за други дејности.

Земјоделството е само еден од 10-те нови сериозни проекти новата влада. Кои се другите?

- Еден од сериозните проекти е даночната реформа, каде не е планирано само намалување на даноците туку и симплификација на даночните процедури и администрацијата, со цел да им е намалат трошоците на бизнисмените за плаќање на данокот, и на тој начин да се намали сивата економија. Втор крупен проект е регулаторната реформа, која е многу значајна. Со неа ќе се укинат стотици непотребни процедури, лиценци и дозволи кои сега се бараат од приватниот сектор и кои се извор на корупција. Исто така многу значајна е судската реформа, која е една од најтешките, но најбитна за намалување на корупцијата во државата.

Можат ли да се убедат официјалните претставници од ММФ оти намалените даночни стапки може да се вклопат во буџетот и во аранжанот со Македонија?

- Не само што може туку и мора. Мислам дека имаме добри мерки. Дел од нив се на краток, дел на подолг рок и ќе обезбедат компензација на негативните ефекти во однос на даночните приходи. При следниот престој на мисија на ММФ во Скопје, подетално ќе разговараме за нивните ефекти.

XS
SM
MD
LG