Линкови за пристапност

Конфликт на релација Сенат – Бела куќа околу трибуналите за осомничени терористи


Со 15 гласови „за“ и 9 „против“, сенатската Комисија за вооружени служби, одобри предлог-закон со кој на затворениците осомничени за тероризам, ќе им се дадат повеќе законски права отколку што сака претседателот Џорџ Буш.

Легислативата беше иницирана од тројца влијателни републиканци во Сенатот, вклучувајќи го и претседателот на Комисијата, Џон Ворнер. Тој навести дека е можен компромис, но дека верува оти приодот на Белата куќа нема да биде во согласност со уставните стандарди наведени од Врховниот Суд.


Сенатската комисија се залага на осомничените за тероризам да им биде судено повеќе на традиционален начин, како пред воени судови. Сенатот во полн состав по прашањето треба да гласа на почетокот на следната недела.


Претседателот Буш вчера лично ги посети републиканците во Претставничкиот дом, каде надлежната комисија веќе даде зелено светло на предлогот на Белата куќа.

Меѓу поддржувачите на верзијата на Комисијата е поранешниот државен секретар, Колин Пауел, кој тврди дека „светот започнува да се сомнева во моралната основа“ на војната против тероризмот.

Судирот меѓу претседателот Буш и републиканските сенатори се случува непосредно пред ноемвриските избори, клучни за републиканците кои сакаат да ја задржат контролата врз Конгресот.

Сите демократи и еден републиканец гласаа против предлогот на Белата куќа во комисијата.

Демократите го обвинуваат Буш дека со фокусирање на тероризмот, има намера да го оттргне вниманието од лошата состојба во Ирак.

XS
SM
MD
LG