Линкови за пристапност

Претседателот Буш бара единство на нацијата


Претседателот Буш денот на одбележувањето на петтата годишнина од терористичките напади на САД во 2001 го заврши со обраќање до нацијата во ударен телевизиски термин. Тој побара национално единство за спротивставување на заканата од тероризам.

По денот полн со трогателни слики и емоции, претседателот се обрати на американскиот народ. Тој рече дека војната против тероризмот е повеќе од воен конфликт, нарекувајќи ја решавачка идеолошка битка на 21 век игенерациски повик.

Америка не ја бараше оваа војна, кажа тој, и секој Американец го посакува нејзиниот крај, исто како и јас. Но, не е крај, додаде тој, и нема да биде додека не победи еден - ние или екстремистите.

Америка беше единствена во деновите по нападите, но незадоволството од ситуацијата во Ирак создаде тензии и стана едно од главните теми на кампањата за места во Конгресот на претстојните ноемвриски избори.

Претседателот не се осврна на критиките. Наместо тоа, рече дека влогот во Ирак и во поширокиот регион на Блискиот исток е многу голем и дека победата во Ирак е клучна. Цитирајќи го лидерот на ал-Каида Осама бин Ладен кој војната во Ирак ја нарекол Трета светска војна, претседателот вети дека нема да го отстапи Ирак на терористи како Бин Ладен.

Претседателот рече дека за САД нападите од 11-ти септември се повеќе од трагедија, дека тие го промениле начинот на кој Американците гледаат на светот и дека Америка и порано победувала зло, а така ќе биде и овој пат.

Сенаторот Едвард Кенеди од опозиционата Демократска партија го обвини Буш дека го користи денот во знак на сеќавање на жртвите од нападите за да обезбеди поддршка за војната во Ирак, иако Садам Хусеин не бил вклучен во нападите од пред 5 години.

XS
SM
MD
LG