Линкови за пристапност

Блер ќе се повлече, но не обелодени датум


Попуштајќи пред политичкиот притисок од својата партија, британскиот премиер Тони Блер вети дека ќе поднесе оставка на функцијата во рок од една година. Соочен со зголемена критика од некои членови на Лабуристичката партија, премиерот Тони Блер рече дека годишната партиска конференција ќе биде негова последна, алудирајќи на заминувањето од функцијата во рок од една година.

Тој сепак одби да посочи точен датум, како што бараа некои негови сопартијци. Нема да кажам точен датум сега, мислам дека тоа нема да биде во ред.

Ќе го сторам тоа во иднина и во интерес на земјата, зависно од околностите во тој период. Ова се случува по неодамнешните оставки на неколкумина министри и седумина помошници и по наводно напнатиот состанок со Гордон Браун, кој се очекува да го замени Тони Блер. Блер се наоѓа на премиерската функција уште од 1997 година. Повиците тој да замине од неа се зголемија откако неодамнешните анкети покажаа нагло опаѓање на поддршката во редовите на партијата. Минатата недела, 17 парламентарци од Лабуристичката партија потпишаа писмо повикувајќи на смена на раководството. Гордон Браун за време на вчерашниот говор во Шкотска, изјави дека одлуката кога да замине од функцијата ја остава на самиот премиер и дека ќе го поддржи во што и да реши.

Сакам јасно да ставам на знаење дека кога разговарав со премиерот, како што имам кажано во многу прилики, до него е да ја донесе одлуката. Му реков и дека ќе го поддржам во неговите одлуки, дека ова не е од приватни побуди, туку од она што е најдобро за нашата партија и уште поважно за интересите на нашата земја.

Ќе го поддржам токму во тоа. Но се уште не е јасно дали изјавата на г-динот Блер ќе ги задоволи оние сопартијци кои сакаат премиерот од функцијата да замине побрзо. Некои членови на Лабуристичката партија изразија загриженост несогласувањата да не направат раздор во нејзините редови и дека од ова корист може да има опозиционата Конзервативна партија.

XS
SM
MD
LG