Српскиот претседател Борис Тадиќ и во Вашингтон го повтори ставот на Белград дека се обидува да пронајде прифатливо и компромисно решение за обете страни – косовската и српската. На средбите со официјалните американски лица, Тадиќ им порачал дека демократска Србија е битна за понатамошно интегрирање на Балканот во ЕУ
Прашан од Гласот на Америка на македонски, да ја коментира последната изјава на косовскиот претседател Фатмир Сејдиу во која тој најави демаркација на границата со Македонија по дефинирање на конечниот статус на Косово, која би ја следела административната граница од поранешна СФРЈ, а не онаа договорена меѓу Скопје и Белград во 2001-та, претседателот Тадиќ рече:
- „Само што разговарав околу тоа. Ваков вид на изјави се контрапродуктивни. Затоа јас се залагам за заштита на сите балкански држави и сум против менување на границите. Според мене само таков пристап води кон стабилност.
Тој изрази надеж дека ќе се сретне со косовскиот претседател Сејдиу при што ќе му го каже ставот за неопходноста од неменливост на границите во регионот.
Тадиќ истакна дека сите лидери од регионот имаат одговорност во обезбедување безбедност на Балканот. Само со заедничка работа може да го внесеме регионот во институциите на НАТО и на ЕУ, порача Тадиќ.
Во првиот говор на еден српски претседател на американско тло, Тадиќ во фондацијата Херитиџ, не ја сокри желбата дека очекува покана за членство во НАТО. Според него, иднината е во ЕУ, а минатото треба да го оставиме зад себе. Како и неколкупати претходно, вети апсење и испорачување на Ратко Младиќ во хашкиот Трибунал, затоа што, според него, неприфатливо е целиот регион поради тоа да е заложник.