Линкови за пристапност

Никола Груевски: Бескомпромисна, а не селективна борба против корупцијата


- Господине Груевски, очекувањата и на домашната, и на меѓународната јавност се дека вашата влада, согласно заложбите и она што се декларираше за време на изборната кампања, ќе прејде од зборови на дела во борбата против корупцијата. Може ли Македонија во блиска иднина да очекува перцепцијата за корупцијата кај граѓаните да се намали, односно да видиме сериозна и конкретна акција, со конкретни случаи од страна на органите кои сега ќе ги воспостави новата влада?

Груевски: Наша намера е тоа да биде така, да има конкретни случаи, со конкретни предмети, со конкретни завршетоци, и да воспоставиме различен систем и различни стандарди на работење на оние кои водат одредени институции директно поврзани со корупцијата и криминалот во Република Македонија. Некако имам чувство дека во Македонија има преголеми очекувања од новата влада, дури можеби понекогаш и нереални, и се плашам да не дојде до разочарување, но сакам да подвлечам дека ни е потребно време за тоа. Потребни се неколку месеци – да ставиме нов јавен обвинител, да ги направиме сите оние работи за кои ветувавме во кампањата. Ние ќе ги направиме веројатно во рокот што го ветивме, меѓутоа имам впечаток дека граѓаните дури не можат да го дочекаат ниту рокот зацртан во нашата програма.

Како и да é, ние идентификувавме повеќе точки каде што се чини дека корупцијата е најсилна и каде најмногу се одлеваат државни пари. Тоа е државната администација, и, неизбежно – владата, и токму заради тоа ставаме јавен обвинител кој треба да биде висок професионалец, со такво искуство што го нема никој во Република Македонија. Токму затоа бараме човек од страна – некој што има многу поголемо искуство и кој има направено слава и кариера во друга држава, а што ќе го повтори тоа во Република Македонија, и кој ќе ги подигне стандардите на водење на јавното обвинителство од она што го имаме во овие 15 години во Република Македонија. Тоа е едната точка.

Втората точка е царината. Царината е едно од местатата каде во минатото очигледно имаше многу сомневања за корупција, и веројатно имаше и такви работи. Тука планираме две работи, најмалку две - се разбира и многу други - но најмалку две крупни. Прво, да ангажираме меѓународна консултантска куќа која веќе во други држави дава резултати во намалување на сивата економија, намалување на шверцот и зголемување на приходите на буџетот. Наскоро - веројатно до крајот на септември или во октомври - ќе отвориме меѓународен тендер за таква консултантска куќа и јас се надевам дека веќе од први јануари следната година таа ќе биде активна. Таа ќе има свои мобилни екипи кои ќе работат паралелно со нашите, ќе има големи овластувања, ќе биде вклучена во секторот контрола и истраги. Заедно со мобилните екипи на царина ќе треба значајно да го редуцира она што се вика шверц, криминал и корупцијата или мафија во овој дел од работењето на државата – никогаш не може да се укине нешто целосно кога зборуваме за корупција.

Исто така, планираме да обезбедиме скенери – специјални скенери што скенираат цели камиони или цели контејнери без да се вади стоката надвор. На првата седница на владата и за двете работи веќе го задолжив ресорниот министер да ги отвори првите дискусии со компании кои тоа може да го продадат на државата, или да го дадат на лизинг, или во некоја друга форма. И за ова ќе треба одреден меѓународен тендер, и затоа велам дека ќе треба малку време – онака како што го почнавме разговорот.

Третата точка каде идентификувавме голема корупција е здравството, трнувајќи од Фондот за здравство, па болниците, клиниките, и така натаму. Токму затоа тука имаме повеќе мерки. Прво, за да ги зголемиме стандардите на управување на Фондот за здравство и донесеме професионалец кој има искуство во многу успешни фондови во други држави, во многу поуспешни држави, бараме да најдеме човек кој во други држави водел фондови и постигнал успеси во тоа. Веројатно во текот на септември, најдоцна во октомври, ќе успееме да дојдеме до една таква личност. Покрај ова, набавките ги тргаме од Фондот – ги носиме по болниците и клиниките, а таму, согласно измените на законот, ќе има по два директора, со врзан потпис, по принцип на четири очи – едниот економист-менаџер, а другиот лекар. Во здравството исто така ќе се преземаат многу други мерки со кои треба да се намали корупцијата од она што е сега.

Еден од пунктовите каде исто така многу ќе се внимава - бидејќи излезе дека иако е изолиран случај, сепак има огромен дел на корупциски скандали или сомневања за тоа - е Македонската радио-телевизија. И таму бараме експерт кој знае да менаџира со јавен медиум, експерт кој тоа го правел во некоја западна држава успешно.

Го знаете проектот Декри, тоа е дел од нашата програма, како и формирањето на агенција за борба против криминалот и корупцијата. За тоа веќе побаравме помош од британската влада, затоа што според тоа што го кажуваат експертите, се чини дека таква агенција досега била најуспешна токму во Обединетото Кралство. Од таа причина пред некој ден од амбасадорот на Обединетото Кралство побарав техничка помош за оваа работа и мислам дека некаде до ноември, можеби декември, ќе се основа оваа агенција.

Но, сепак, најважно од се́ е она што го носиме во нашите глави – волјата, филозофијата на работење и она што ние го нарекуваме нулта толеранција за корупцијата, нулта толеранција од најниското до највисокото ниво – до министри во влада, до премиер, до државни директори, итн. Ако тука не се расчисти, многу потешко ќе оди кој и́ да донесеме – секогаш ќе има отпор. Затоа, една комбинација од системски мерки и комбинација од менување на свеста кај сите државни функционери - чекор по чекор - треба земјата да ја носи во една подобра ситуација.

Неизбежни се тука и судските реформи, делумно имплементација на тоа што е направено, делумно на некои нови, воведување на софтвер во судството што ќе ги распределува автоматски предметите на судии, за да нема субјективност на претседателот на судот кому да му го даде или да му го одземе предметот, како и редица други работи што ги наведовме во нашата програма со која што победивме на овие избори.

Остануваме зад се́ она што го кажавме, па дури и нешто повеќе од тоа, што ќе дојде како добра идеја во следниот период. Меѓутоа, нормално е дека ни е потребно малку време, потребен ни е период во кој ќе инсталираме нови луѓе во владеачките структури кои ќе можат да ја носат новата политика. Не можеме со стара гарнитура да спроведуваме нови политики кои тие не сакат да ги спроведуваат. Затоа се потребни периоди, и ние кога ја правевме програмата внимававме на тие периоди. Мала е веројатноста дека некаде ќе доцниме. Па и да доцниме некаде, нема да биде нешто премногу или нешто недозволено.

- Македонија минатите години беше оптоварена со многу корупциски скандали и афери. Малку случаи имаат судска разврска. Дали сте подготвени политички да влезете во борба и во расчистување на некои од тие големи скандали кои се́ уште висат во воздух и ја оптеретуваат јавноста?

Груевски: Ние имавме многу партиски кандидати, способни луѓе, стручни, образовани, кои беа кандидати за местото министер за правда, но јас сепак се определив за личност која не е партиска, која ќе биде растеретена од партиските стеги, обврски, внатрепни ветувања во партијата, пријателства итн. Поставивме независна личност која во минатотото беше член на Антикорупциската комисија, и кога паднаа најмногу кривични пријави за луѓето од ВМРО-ДПМНЕ, но и подоцна, кога тоа помина, кога почнаа да доаѓаат многу пријави за корупција и барања за кривични и судски постапки на луѓе од СДСМ и од другите партии. Бидејќи тој најмногу се истакна во тој дел, сега му даваме можност да истера одредени случаи, или повеќето од сите тие случаи, или ако може и сите, се разбира - до крај. Нормално, одиме и со промена на јавниот правобранител, затоа што имаше многу манипулации во тој дел, на пример слуачите Бачило. Очекувам за еден кус период да почне да се работи на овие предмети. Како што велев и во кампањата – а ги говорам работите што ги говорев со месеци наназад пред петти јули - нема да биде лесно во борбата против корупцијата. Луѓето кои се навикнати да добиваат многу работи на лесен начин, лесна заработка, со манипулации, со поткуп, тие нема така лесно да се откажат од тоа што го земале. Олигархијата нема така лесно да ги остави оние привилегии што ги имала досега. Меѓутоа, ќе бидеме упорни, ќе бидеме решителни да ги завршиме процесите што сега ги започнуваме, а за кои што досега зборувавме.

- Доколку наидете во тој процес на некоја „крупна риба“, некој што бил порано министер, или на некоја голема функција – дали сте подготвени на компромис?

Груевски: Дај Боже да наидеме и да имаме докази за тоа, затоа што не сакам да се повторуваат некои работи од минатото кога се апсеа луѓе, им се даваа кривични пријави, а на крајот немаше никаков епилог, затоа што немаше никакви докази. Секаде каде што ќе се соберат докази што се доволни да се докаже предметот, ќе се оди бескомпромисно во решавање на случајот, независно кој на каква позиција бил и независно кој од која партија е - дали е од противничката или од нашата. Сите овие мерки важат и за луѓето што се од сегашната владејачка гарнитура, бидејќи ако спроведеме селективна борба против корупцијата, резултатот ќе биде овој што го имаме денеска, затоа што претходната партиска гарнитура и политичка гарнитура на власт го спроведуваше тоа – претежно селективна борба против корупцијата и криминалот. Тоа не значи дека само ќе ги бркаме овие што се сега на власт. И едните, и другите – онаму каде ќе се најдат докази. Онаму каде ќе се најдат докази да се отвори и затвори предметот и да се донесе пресуда за тоа – таму ќе се оди до крај и бескомпромисно.

- Рековте дека планирате на многу значајни места во системот да именувате странци. Јавноста реагираше на тоа во смисла дека премиерот ја потценува сопствената јавност, потенцијалите и капацитетите на Македонија и ангажира луѓе однадвор...

Груевски: Моето мислење е дека граѓаните во целост ја прифатија оваа идеја што ја дадов, а стручната јавност е поделена. Општата јавност мислам дека ја поддржа оваа идеја, а стручната се подели. Но, генерално, сакам да подвлечам дека ова е период што ќе биде привремен, што треба да не́ одлепи од една многу лоша ситуација во која сме сега – да донесеме привремено луѓе кои веќе докажале во конкретни случаи или во конкретни држави, со конкретни проекти, со конкретни предмети - како се работи од позиција на јавен обвинител, како се работи од позиција на носител на јавен сервис, како се води фонд за здравство. Тоа се луѓе кои ќе ги подигнат стандардите на работење. Кој и да дојде по нив, нема да може да работи на начин како што се работело порано. Едноставно, дури и да е послаб, дури и да опадне малку темпото, не може премногу да опадне. Ќе се воспостават нови морални вредности, нови стандарди, нови навики, нови очекувања. Ќе биде различна вода со различни риби. Ако е сега блага езерска вода со едни риби, тогаш ќе има солена – и тие риби не ќе може да пливаат во таа вода. Ќе се сменат условите, ќе се смени климата. Тоа е идејата. Едно тектонско пореметување на оваа задушена состојба во која се наоѓа Македонија, едно размрдување на олигархијата во Република Македонија. Ако тој човек не го поткупил некој во Италија, или во Англија, или во Германија - независно од каде ќе дојде - земји кои се десетпати побогати и помоќни од нашите олигарси, многу тешко ќе биде да го поткупи некој во Република Македонија ако тој издржал такви притисоци во такви држави и изградил кариера. Внимавајте – кариерата многу тешко се гради, но многу лесно се губи.

- Очекувањата се дека ЕУ и НАТО нема да бидат само реторика, туку наскоро и реалност. Ќе промени ли оваа влада нешто во односот кон интегрирањето во овие институции?

Груевски: Моето мислење е дека 80%, а можеби и повеќе од она што се нарекува пат кон ЕУ е домашна работа. 20% е лобирање, создавање пријателства. Меѓутоа, ако не ја завршите домашната работа, ако нема реформи, ако нема напредок, ако нема сериозен сигнал во борбата против корупцијата, ако не го завршиме законот за полиција, ако не ги направиме другите обврски што ни следат, ако не ја зголемиме економската состојба во земјата, ако не почне барем да се дава знак дека се намалува сивата економија и дека инвеститорите почнуваат да гледаат на Македонија како на сериозна дестинација за влез во Македонија, не се многу од полза контактите, лобирањата, без оглед дали сме го ангажирале Тео Вајгел, или дваесет како него. Можеме да имаме многу добри фотографии со многу премиери и претседатели на држави и секој трет ден да патуваме и да се сликаме со нив. Меѓутоа, ако немат резултат – многу тешко ќе оди. Јас бев малку и критикуван во Парламентот од опозицијата дека не сум бил премногу оптимист за датумот кога ќе го добиеме датумот за преговори, па сум рекол во 2007-ма, а требало да кажам сигурно во 2006-та. Извештајот за ЕУ почнува да се изработува од крајот на септември. Тогаш се затвора работата – што сме направиле – сме направиме до крајот на септември. Јас жалам што немавме избори во декември минатата година или во јануари – по кандидатурата – па да имавме една цела година, да се направеа многу реформи, па сега со голема извесност, со тие резултати, да се бараше датум за преговори сега во октомври. Тоа што СДСМ не го сработи цели четири години сега сака ние да го сработиме за еден месец, а ако не го сработиме, тогаш сме виновни дека не сме биле оптимисти. Па како да бидеме оптимисти кога ништо не е сработено? Така беше и со случајот со НАТО – се сеќавате, минатата година - до август месец сите од власта говореа дека 2006-та ќе добиеме покана. Кога јас бев првиот што кажа дека имам информација оти се чини дека нема да добиеме покана затоа што не сме ги сработиле домашните задачи, едно две недели бев изложен на плукање од СДСМ и на обвинувања дека сум песимист, дефетист, дека се ситам на тоа што е лошо за државата. Боже мој – си велев – луѓе мои, така говорат луѓето што треба да не́ поканат, така ми говорат, не е дека јас сакам така. Не секогаш личната желба кореспондира со она што однадвор го имаат како перцепција за работата на владата, работата на државата, и состојбата во земјата.

- Се́ уште не е донесен законот за полиција. Вие одите наскоро во Брисел. Ќе имате средби со комесарот Оли Рен...

Груевски: Законот за полиција го влечат цела една година.

- Од Вас веројатно ќе се бара датум кога тој закон конечно ќе биде донесен, и во голема мера според тоа ќе се суди вашата ефикасност. Кога сте спремни да го донесете тој закон?

Груевски: Се́ што е во наша моќ ќе биде направено. На законот се чека цела една година - се работи на него, а ништо не е направено. Ние ќе се обидеме - ако можеме – да го завршиме до крајот на септември. Не можам да гарантирам, но ќе направиме се́ што е во наша моќ до крајот на септември да биде завршен и по можност да мине и во Парламентот. Повторно велам – нешто што цела една година чекало, сега ние мораме да го завршиме за еден месец. Ќе направиме се́ што е во наша моќ, но не можеме да гарантираме со сигурност.

- Тоа е системски закон што бара двотретинско мнозинство. Дали онаа, условно речено, „кавга„ што ја имате со ДУИ не е хипотека што ќе го отежни донесувањето и правењето на вакви битни потези?

Груевски: Јас цврсто верувам дека партиите во Република Македонија се доволно зрели, независно дали се во власт или во опозиција и независно дали се задоволни со тоа што се во опозиција или не, кога се работи за државните и национални интереси да ги надминат партиските интереси и да не одат против интересите на целата држава и целиот народ. Тоа оттаму што одењето против нив е и одење против своите граѓани и против своите гласачи. Од таа гледна точка, очекувам дека ќе успееме да постигнеме еден компромис и законот да мине и со Бандинетрово мнозинство.

- Дали имате намера, сега како поголеми, од позиција на власт, да подадете рака за дијалог кон ДУИ и евентуално да обезбедите да се надмине политичката криза?

Груевски: Апсолутно. Ние сме подготвени за дијалог со секоја партија и го имаме тој дијалог со секоја партија, вклучително и со ДУИ. Немаме никаков проблем да комуницираме со ДУИ, со сите нив, да разговараме, се́ што е потребно за државните и националните интереси на Република Македонија. Ние сме сега партија на власт и мораме да комуницираме со сите заради интересите на државата.

- Конкретно, предвидувате состанок во блиска иднина?

Груевски: Ако има потреба, ќе имаме состанок со кого што треба.

- А сметате ли дека има потреба од таков состанок со оглед на ситуацијата?

Груевски: Па, не исклучувам. Не ја исклучувам варијантата дека ако има потреба за државните и за националните интереси, ќе имаме таква средба. Јас сум премиер, и ако е потребно за интересите на државата, ќе се сретнам со кого и да треба, дали од земјата, дали од странство. Тоа ми е работа.

- Ќе дознае ли јавноста зошто така мистериозно нагло завршија преговорите со ДУИ и објавивте дека тие нема да бидат дел од владината коалиција?

Груевски: Мислам дека на јавноста и́ е доволно јасно зошто го направивме тоа. Имаше голема дебата заради тоа, заради одредени изјави, заради одредени однесувања - и во тој момент, но и претходно - од одредени поединци од страна на таа партија кои ја практикуваа власта на начин за кој мислам дека не е најсоодветен.

- Дали имате намера да иницирате закон со кој ќе се променат ингеренциите на претседателот на државата?

Груевски: Знаете, тоа длабоко не сме го дискутирале иако одвреме-навреме се отвора по некоја куса дебата во јавноста. Не сакам во овој момент ниту да го потврдам, ниту да го отфрлам. Потребно е време да го анализираме тоа, па да видиме.

- За кусо време, со неколку ваши изјави предизвикавте реакции на официјална Атина. Како гледате на решавањето на спорот меѓу Македонија и Грција?

Груевски: Мислам дека во овие 16 години, Република Македонија покажа дека стравувањата на Грција од името Република Македонија – дека тоа име значи некакви претензии кон Република Грција - се покажа дека тие кај нас имаат само пријателски односи. Големиот прилив на нивни инвеститори во Република Македонија исто така покажа дека не постојат сериозни стравувања дека Република Македонија има некакви претензии. Ако не го увиделе тоа во овие 16 години, веројатно во наредните неколку години ќе го увидат.

XS
SM
MD
LG