Линкови за пристапност

Претседателот Буш говореше во Јута бранејќи ја војната во Ирак 


Буш призна дека ова е „немирно време“ во Ирак, но кажа дека оние кои заговараат повлекување, цитираме, „воопшто не се во право“. Тој сепак се обиде да ја ублажи критиката, повеќето од своите опоненти нарекувајќи ги - патриоти.

Оваа оценка уследи по контроверзата што започна кога секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд сугерираше дека критичарите на војната страдаат од „морална и интелектуална конфузија“ што може да ги ослаби слободните општества. Рамсфелд даде ваков коментар нешто порано неделава во говорт пред Американската легија на воени ветерани, истата група пред која денеска говореше претседателот Буш.

Според претседателот, Ирак е дел од пошироката војна меѓу силите на слободата и исламскиот фанатизам:

Кога терористите извршија убиства во Светскиот трговски центар или кога бомбашите-самоубијци напаѓаат во Багдад, кога грабнувачи коваат заговор за активирање на експлозив во авиони над Атлантикот или кога терористи лансираат ракети врз израелски градови - тие имаат иста цел - да го запрат напредокот на слободата.

Многумина од ветераните учествувале во Втората светска војна, Корејскиот конфликт и во Виетнамската војна. Претседателот направи паралела меѓу непријателот со кои тие се соочувале и денешниот непријател:

Тие се наследници на фашистите, на нацистите, на комунистите и другите тоталитарни режими од 20-от век. Историјата покажува каков ќе биде крајниот исход.

Ова е трета серија говори на претседателот годинава и ќе продолжи за време на годишнината од терористичките напади врз САД на 11 септември 2001-ва. Тие исто така доаѓаат на два месеца пред одржувањето на конгресните избори. Во средата, претседателот потенцираше дека говорите не се со намера да бидат од политичка природа.

Градоначалникот на Солт Лејк Сити, Роки Андерсон, каде се одржа говорот, во средата беше на чело на анти-воени протести низ градот.

XS
SM
MD
LG