Поради невремето Ернесто, НАСА го откажа лансирањето на спејс-шатлот Атлантис и планира да го повлече леталото од лансирната рампа за да го засолни во хангар.
Атлантис требаше да полета денес од Вселенскиот центар Кенеди во Флорида, но приближувањето на Ернесто беше причина за откажувањето. Тоа не е првото откажување - првично лансирањето беше закажано за во недела, но одложено поради удар на гром во петокот во контролна кула во близина на лансирната рампа.
Директорот на мисијата Мајк Леинбек вели дека единствено што би го задржало Атлантис на лансирната рампа е значително подобрување на временските услови.
- Ние го повлекуваме Атлантис според планот, освен доколку не се случи нешто непредвидено, и решиме да го задржиме на рампата.
Во Американската вселенска агенција велат дека доколку Атлантис не полета до крајниот рок на 7-ми септември, неговата мисија ќе биде одложена барем до октомври.
Екипажот на Атлантис има задача да инсталира втор пар соларни плочи на меѓународната вселенска станица, со што двојно ќе се зголеми нејзината способност да произведува енергија.