Авионот на компанијата Јунајтед ерлајнс на релација Лондон-Вашингтон денеска беше пренасочен и слета во сојузната држава Масачусетс, наводно поради невообичаено однесување на клаустрофобичен патник.
Американските власти и транспортни претставници велат дека борбени авиони – ловци го придружувале патничкиот авион на летот 923 до аеродромот Логан во Бостон. Во него се наоѓале 182 патника и 12 членови на екипажот.
Според истите извори, дошло до препирка меѓу членовите на екипажот и една жена која рекла дека се плаши од затворен простор.
Според првичните медиумски извештаи, патничката со себе имала шрафцигер, кибрит, и писмена порака која се однесувала на Ал Каида, но властите подоцна ги негираа ваквите тврдења.
Инцидентот се случи само една недела откако полицијата во Лондон спречи терористички заговор за активирање на експлозив во американски патнички авиони на релација Британија – САД.