Либанскиот кабинет одобри распоредување на свои армиски сили во јужниот дел на земјата од каде Израел ги повлече своите сили.
Официјални лица во Бејрут изјавија дека владиниот кабинет го одобрил планот од вчера да започне со испраќањето на либански војници јужно од реката Литани.
Неодамна усвоената резолуција на Советот за безбедност на ОН за прекин на борбите меѓу герилците на Хезболах и Израел налага Либан да испрати 15.000 војници на југ на земјата, како и расоредување на исто толкав број меѓународни мировници во истиот регион. Резолуцијата повикува и на разоружување на Хезболах.
Израелскиот началник на генералштабот Дан Халуц вчера предупреди дека Израел ќе прекине со повлекување на силите доколку либанската армија не се распореди во рок од неколку дена.
Генералниот секретар на ОН Кофи Анан се сретна со израелски претставници околу распоредувањето на мировниците. Во интервјуто за израелската телевизија тој кажа дека распоредувањето може да оди побавно од што претходно се очекувало.
- Се обидуваме да ги распоредиме што е можно поскоро.
Специјални пратеници од Франција, Турција, Пакистан и Малезија на средба во Бејрут ги изложија деталите за плановите за формирање меѓународни сили за Либан, а според очекувањата, нив ќе ги предводи Франција.