Линкови за пристапност

Партијата која има мандат треба да формира владина коалиција


Охридскиот договор е успешен затоа што постави нова правна рамка, но таа треба целосно да се имплементира. Ќе биде потребно време да се стори тоа, но неопходно е да се види дека работите одат во тој правец. Тоа ќе бидат очекувањата од новата влада во Македонија, смета Роберт Хенд од Хелсиншката комисија на САД.

Како гледа на протестите на коалицијата ДУИ-ПДП? Има ли причина за стравувања дека протетите може да излезат од контрола?

- Се надевам дека ситуацијата ќе остане мирољубива. Партиите треба конструктивно да се однесуваат иако не се согласуваат за одредени прашања. Загрижен сум кога слушам дека некои се навраќаат на состојбите во 2001-ва. Мислам дека сите во Македонија треба да излезат со став дека нема враќање кон минатото, туку само напред. Прашањето е само со колкава брзина.

Прашан за коментар на изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети, дека секоја манипулација со Бадинтеровиот принцип ќе значи крај на Охридскиот договор, советникот од Хелсиншката комија на САД вели:

- Партијата од која е побарано да формира влада треба да обезбеди мнозинство со кое ќе работи и ќе управува со земјата. Партиите разбирливо може да спорат зошто треба да бидат вклучени во власта, но партијата која има мандат треба да ја формира владината коалиција.

Дали евро-атланските аспирации на Македонија се во опасност ако ДУИ не биде дел од власта. Хенд со одговор:

- Не. Како што реков претходно, главен фактор ќе биде колку новата влада ќе биде определена да го продолжи процесот на интеграција и да ги исполни критериумите. Меѓународната заедница стави до знаење дека го поддржува Охридскиот договор и сака да види негова целосна имплементација.

Договорот од Охрид би можел да биде и модел за решавање на косовското прашање и заштитата на правата на малцинствата, вели Хенд кој додава дека може да се искористат делови од него за зближување на разните етнички групи во покраината.

XS
SM
MD
LG