- Би сакала да им го честитам празникот Илинден на сите граѓани на Македонија. Тоа е време кога Македонците се навраќаат на своите цврсти традиции и култура на кои треба да се горди, исто како и на напредокот во поставување на основите за мултиетничко општество, спроведените реформи што ги донесоа поблиску до членство во Европската унија и НАТО, кажа Ди Карло, подвлекувајќи ја американската поддршка за евро-атланската интеграција на Македонија во честитката на претседателот Буш до македонскиот претседател Црвенковски по повод празникот.
Начинот на кој беа спроведени изборите, смета Ди Карло, е уште еден показател за македонската посветеност на реформите. За формирањето на новата влада, таа вели:
- САД ќе работат со која и да е́ влада што е формирана во согласност со Уставот на Македонија. Очекуваме новата влада да продолжи со економските, политичките и одбрамбените реформи и подготвени сме да работиме со неа на тие прашања. Што се однесува до коалицијата, на Македонија е да реши како да формира влада. Ќе работиме со сите страни што ги поддржуваат реформите.
Демократската унија на Албанците беше силен партнер во владата, ја промовираше примената на Охридскиот договор и реформите за евро-атланстка интеграција, оцени Ди Карло и затоа американската влада смета дека „ДУИ и останатите партии ќе продолжат и како опозиција да ги поддржуваат истите реформи“.
За односите Скопје-Софија по изјавата на бугарскиот шеф на дипломатијата Ивајло Калфин Македонија да не врши агресија кон бугарска нација и историја, Ди Карло со оппшт коментар:
- Ова ќе го оставам на Бугарија и Македонија кои се цврсти партнери, добри соседи. Мислам дека е исклучително важно регионот заеднички да работи на патот на евро-атлантска интеграција. Тоа ќе овозможи сите да успеат“.
САД во иднина гледаат на Македонија како на просперитетна земја, со целосно применет Охридски договор, каде секој граѓанин ќе чувствува дека има иднина. Заменик-помошникот државен секретар во Стејт департментот ги подвлекува одличните односи меѓу двете земји и американската благодарност за македонската поддршка во војната против тероризмот. Знаеме дека може да сметаме Македонија - заклучи Ди Карло - бидејќи имаме исти аспирации.