Линкови за пристапност

Претседателот Буш во ОН ќе врши притисок за одржлив мир на Блискиот Исток


Џорџ Буш истакна дека САД работат на итен прекин на крвопролевањето на Блискиот Исток и дека ја следи ситуацијата мошне внимателно. Тој подвлече дека работи на прашањето за постигнување траен прекин на огнот.

- Ќе соработуваме со нашите сојузници, со цел пред Советот за безбедност на ОН да изготвиме резолуција за ставање крај на насилството и со чија помош ќе се постави основа за траен мир во регионот.

За време на обраќањето во Мајами, Флорида, американскиот лидер кажа и дека итниот прекин на огнот, без соодветни услови, нема да го запре крвопролевањето. Тој истакна дека ќе изврши притисок за потемелен пристап, вклучувајќи поддршка за либанската демократска влада, распоредување на меѓународни сили и ставање крај на регионалната поддршка на тероризмот.

- Иран мора да ја запре финансиската помош и доставата на оружје за терористичките групи како Хезболах. Сирија мора да ја прекине поддршката на тероризмот и да го почитува суверенитот на Либан.

Претседателот Буш рече дека актуелната криза е дел од поголемата битка меѓу силите на слободата и силите на теророт.

- Овој пристап ќе го оствари она што многумина ширум светот сакаат да го видат, а тоа е крај на нападите на Хезболах врз Израел, враќање на израелските војници киднапирани од терористите, прекин на израелските операции во Либан и на крај повлекување на израелските сили.

Во меѓувреме, американскиот државен секретар Кондолиза Рајс рече дека верува оти прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах може да се издејствува во текот на оваа недела. Таа истакна дека ќе повика на усвојување на резолуција на Советот за безбедност на ОН, како и на формирање на меѓународни стабилизирачки сили за Либан.

Денеска, Советот за безбедност го продолжи мандатот на мировниците на ОН во оваа земја за еден месец, за да им се даде време на разговорите за формирање на нови меѓународни трупи во регионот.

Инаку, иранскиот министер за надворешни работи, Манучер Мотаки, од денеска, се наоѓа во посета на Либан.

XS
SM
MD
LG