Линкови за пристапност

Буш: Потребен вистински мир на Блискиот Исток


Џорџ Буш подвлече дека е за траен мир во регионот, но не и таков што не би ја зел предвид главната причина за конфликтот и само би донел привремен прекин на огнот, по што повторно би се јавило насилство:

- Очигледно, што побргу дојдеме до решение за проблемот, тоа подобро. Но, мирот мора да биде вистински, а не лажен.

Буш истакна и дека мирот не е можен без да се отстрани заканата што ја претставува Хезболах. Тој укажа и на поврзаноста меѓу милитантите со седиште во Либан и Иран:

- Хезболах го нападна Израел. Знам дека Хезболах е поврзан со Иран. Сега е време светот да се справи со оваа опасност.

Американскиот претседател ја повтори загриженоста за хуманитарните услови во Либан и товарот што го носи либанскиот народ поради конфликтот. Тој повторно го повика Израел да биде внимателен при изведувањето на акциите, но не упати директна критика за израелската воена тактика.

- Длабоко сме загрижени за жртвите и загрижен сум за уништувањето во Либан. Сочувствуваме кога либанските семејства ќе изгубат недолжни животи. Повикав на потребата од внимателност при справувањето со Хезболах. Воедно свесен сум дека што и да се постигне по дипломатски пат – ќе мора да се обрне внимание на главната причина за конфликтот, а тоа се терористичките активности, кажа Буш.

Претседателот смета дека претстојат уште многу дипломатски напори за да се стави крај на конфликтот. Меѓународната конференција што во средата се одржа во Рим заврши без договор за прекин на огнот, но Буш вели дека ја покажала определбата за решавање на проблемот и остварување напредок.

XS
SM
MD
LG