Во првиот од серијата прилози за корупцијата во светот: што е корупција, каде е најзастапена и како може да биде спречена?
Поткупот, непотизмот и останатите видови на корупција во поголем или помал обем постојат во сите земји во светот, но најтешко се одразуваат во сиромашните држави. Светската банка ја смета корупцијата за една од најголемите пречки во економскиот и општествениот развој, бидејќи ја поткопува правната држава и ги ослабува институционалните основи од кои зависи економскиот развој.
Во 2000-та беше објавена видео-снимка на која некогашниот шеф на перуанското разузнавање Владимиро Монтесинос плаќа поткуп на конгресмен. Видео снимката практично стави крај на 10-годишно автократско владеење на владата на Фуџимори.
Случајот Монтесинос е типичен пример за уништувачките ефекти на корупцијата врз политичкиот живот, институциите и економијата на одредена земја. Но, Перу не е единствената земја со корупција.
- Корупцијата е нешто што се одразува на сите нас. Не постои земја што нема предизвици во однос на контролирање на корупцијата, вели Ненси Босвел, која раководи со американскиот оддел во Транспаренси Интернешнал, организација што врши мониторинг на глобалната корупција.
Корупцијата има многу лица - од поткуп на полиција или владини претставници, па се́ до тајно тргување на берзи или непотизам при вработување.
- Секогаш ќе има корумпирани луѓе. Не мислам дека постои правило според кое една земја има поголем таков менталитет од друга. Вистинското прашање е дали државата успеала да развие институционални механизми за контрола на корупцијата, смета Босвел.
Луис Шели е експерт за прашања врзани за корупцијата и вели дека особено се на удар сиромашните земји:
- Доколку имате пет или седум проценти од економијата што отпаѓаат на поткуп, силна економија како Италија тоа може да го толерира. Послаба економија со истите проценти ќе мине многу полошо.
И САД не се имуни на корупција. Неодамна се случија неколку скандали во кои беа вмешани американски законодавци. Но, диктатурите, како оние во Бурма или Белорусија, се места каде корупцијата цвета, бидејќи нема простор за транспарентност, нема слобода на печатот, а граѓаните речиси немаат никакви права.
Поголемиот дел од анти-корупциските мерки се насочени во сферата на бизнисот. Од 1977-ма година - наваму, САД имаат донесено закон за книговодство – наречен Акт за корупција во странство, со кој на американските бизниси им се забранува да учествуваат во коруптивни активности кога оперираат во странство.
Организацијата за економска соработка и развој, во која членуваат 30 индустријализирани земји, има своја конвенција што им забранува на компаниите на земјите - членки да вршат или бидат вклучени во поткуп.
Ненси Босвел од Транспаренси интернешнал се надева дека мерките како договорот на Организацијата за економска соработка и развој ќе помогнат против корупцијата, додавајќи дека е потребна и промена во односот кон проблемот. Шансите се најголеми во земјите во развој. Босвел и другите експерти се согласни дека овие земји мора да ја искоренат корупцијата, доколку сакаат еден ден да испливаат од бедата и сиромаштијата.