Дипломатите од неколку земји на синоќешната средба во Рим се договорија да работат на прекин на огнот меѓу Израел и герилците на Хезболах во Либан. Меѓутоа, тие не постигнаа согласност за план за запирање на насилството и не повикаа на итен прекин на огнот.
Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс по средбата изјави дека секој прекин на огнот мора да биде одржлив и Либан да биде ослободен од паравоени единици:
- Се согласивме дека сме за тоа најитно да прекине насилството, но овојпат трајно, затоа што за жал во минатото во регионов имаше премногу прекршени примирја и нови циклуси на насилство.
Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан истакна дека во решението мора да бидат вклучени и Сирија и Иран, кои се главни поддржувачи на Хезболах:
- Важно е да работиме со сите земји во регионот со цел да изнајдеме решение, во што би биле вклучени и Иран и Сирија.“
Дипломатите повикаа на распоредување на мултинационални сили во Либан, под капата на ОН. Рајс најави дека за тоа ќе стане збор на средбите наредниве денови.
Либанскиот премиер Фуад Синиора изјави дека на разговорите во Рим бил постигнат извесен напредок, но предупреди на опасноста од нови жртви додека не биде обезбеден прекин на огнот.
На еднодневната средба во Рим, што ја организираа Италија и САД, учествуваа првите лица на 18 арапски и 50 западни земји и меѓународни организации.
Од почетокот на најновото блискоисточно насилство на 12 јули загинаа околу 400 Либанци и 50-тина Израелци.