Линкови за пристапност

САД: Загриженост за страдањата, потреба од траен мир на Блискиот Исток


Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс вели дека САД се загрижени поради страдањето на луѓето ширум Блискиот Исток. Меѓутоа, на вчерашните средби со бликоистични лидери таа не се осврна на повиците за итен прекин на огнот.

По одвоените состаноци со израелскиот премиер Ехуд Олмерт и палестинскиот претседател Махмуд Абас, Рајс го повтори американскиот став дека прекинот на огнот зависи од исполнување на одредени услови, со цел мирот биде оддржлив. Таа кажа дека постои огромна загриженост за недолжното цивилно население, без оглед дали се наоѓа во Либан, Израел или Газа.

- Мора да дојдеме до оддржлив мир во регионот, тоа навистина е проблем, рече Рајс.

Палестинскиот претседател Абас се согласи со таквата констатација, коментирајќи дека насилството е знак на отсуство на мирот. Но, тој воедно повика на итен прекин на огнот во Либан. Абас кажа дека неговата влада прави се́ што е во нејзина можност, за да обезбеди примирје и во Газа, каде во израелската офанзива во изминатиот месец, загинаа преку 100 лица.

Рајс подвлече и дека САД и натаму стојат на определбата за постоење на палестинска држава како сосед на Израел.

Следна станица на американскиот државен секретар е Рим, каде ќе учествува на конференцијата на министрите за надворешни работи на која ќе се расправа за ситуацијата во Либан. На сесијата ќе учествуваат неколку европски и арапски влади, вклучувајќи го и Либан, и се очекува тие да повикаат на итен прекин на конфликтот меѓу Израел и Хезболах.

За ситуацијата синоќа коментираше и претседателот Буш по средбата во Белата куќа со ирачкиот премиер Нури Ал-Малики:

- Му реков дека поддржувам одржливо примирје што ќе стави крај на насилството и говорев за важноста од јакнење на либанската влада и поддржување на либанскиот народ.

Од почетокот на судирот на 12 јули, животот го загубија околу 400 Либанци, а најмалку 600.000 се раселени.

Саудискиот крал Абдула издаде соопштение во кое наведува дека доколку мирот не успее поради - како што кажа самиот - израелската арогантност, единствената опција ќе биде војна.

Се огласи и иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад, кој кажа дека борбите во Либан може да поттикнат „бура на Блискиот Исток“.

XS
SM
MD
LG