Линкови за пристапност

Џорџ Буш од Сенатот бара обнова на легислативата за граѓански права


Целта на иницијативата е прекин на праксата на расистичко гласање на американскиот југ. Претседателот Буш зборуваше за прв пат во неговиот мандат на годишната средба на Националната асоцијација за прогрес на обоените, најголема организација за граѓански права во САД.

Претседателот Буш рече дека Конгресот треба да ја заврши работата за продолжување на важењето на делови од Актот за слободно гласање, што прв пат помина во 1965-та, со цел да се заштитат афро-американските гласачи на југот од земјата.

Претставничкиот дом веќе ја усвои мерката. Буш ги повика сенаторите да го сторат истото, за актот да биде важечки закон.

Зборувајќи на конвенцијата на Националната асоцијација за напредок на обоените, господинот Буш рече дека таа легислатива е потребна бидејќи расизмот се уште се провлекува во Америка, речиси 100 години по основањето на групата.

- Сакаме обединета Америка, а тоа е една нација пред Бога, каде секој маж, жена и дете имаат иста вредност и се третираат со достоинство. Сакаме надежна Америка, каде просперитетот и можностите од нашата голема земја ќе ја зафатат секоја улица во секое предградие.

Ова беше прво обраќање на претседателот Буш пред групата за граѓански права, иако ја одбиваше нивната покана во изминатите 5 години. Во време на конгресни избори, Републиканска партија на претседателот Буш се обидува да го подобри имиџот меѓу Афро-американците, кои традиционално гласаат за демократите.

Буш зборуваше за потребата да се надминат политичките разлики и да се залечат старите рани, но додаде дека разбира зошто многу Афро-американци не им веруваат на републиканците.

По минатогодишната трагедија со ураганот Катрина, многу афро-американски лидери ја критикуваа републиканската влада за бавниот одговор по несреќата во која повеќето затечени во Мексиканскиот залив без помош беа припадници на црното население.

XS
SM
MD
LG