Линкови за пристапност

Советот за безбедност не верува во брзо смирување на кризата на Блискиот Исток


Во обраќањето до Советот за безбедност на ОН, Анан остро ги критикуваше обете страни во најновиот блиско-источен судир. Тој го обвини Хезболах за иницирање на кризата, истакнувајќи дека акциите на паравојската поддржана од Иран ја држи целата нација во заложништво. Истовремено, тој ја осуди, како што рече, прекумерната употреба на сила од страна на Израел и ги повика обете страни да обезбедат сигурност за цивилите кои се најдоа затечени во престрелките. Борбите мора да запрат, кажа тој, но додека траат, мора да се воспостави безбеден коридор за хуманитарните работници и намирници, наменети за цивилите.

Анан исто така повика на меѓународна конференција со цел - како да се имплементираат препораките од Советот за безбедност. Тој сепак призна дека мисијата која ја испрати во регионот има кус мандат и ќе биде тешко да преговара за примирје. „Ќе бидам сосема искрен пред Советот“, кажа Анан. „Мисијата која се наоѓа во регионот оценува дека има сериозни пречки за постигнување примирје или дури брзо запирање на насилствата.“

Израелскиот амбасадор Дан Гилерман изјави дека нема да има брз прекин на борбите. Прашан од новинарите во холот на Советот за Безбедност, колку долго ќе продолжат воените акции на Израел, тој одговори „ќе трае колку што ќе трае“.

Советот за безбедност по брифингот на Анан започна седница зад затворени врати. Отворена дебата се очекува во петок.

Нешто подоцна, Кофи Анан е планирано да дискутира за стратегијата за Блискиот исток со американскиот државен секретар Кондолиза Рајс.

XS
SM
MD
LG