Линкови за пристапност

Продолжуваат дипломатските напори за решавање на кризата на Блискиот исток


Францускиот претседател Жак Ширак предлага, како што го нарекува, хуманитарно примирје во Либан за да се овозможи евакуацијата за странските државјани и либанските цивили.

Францускиот лидер предлага и формирање на хуманитарни коридори преку кои би се изведувала евакуацијата и преку кои би можело да доставува меѓународна помош за цивилите.

Вчера во Женева, Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека ги проширува своите операции во Либан, а шефот на Канцеларијата за човекови права при ОН, Луис Арбор истакна дека убиствата меѓу цивилното население во нападите во Либан, Израел и палестинските територии, може да се сметаат за воени злосторства.

Во меѓувреме, во Ерусалим, шефот на ЕУ за надворешна политика, Хавиер Солана повика на итен прекин на огнот.

Специјалниот претставник на ОН за Либан, Терје Род Ларсен, ја повикува меѓународната заедница да донесе брза одлука околу трупите за стабилизација кои би се распоредиле во јужен Либан.

САД засега не ја поддржуваат идејата за итен прекин на огнот. Портпаролот на Белата куќа, Тони Сноу на редовниот брифинг за новинарите изјави:

САД нема да бидат вовлечени во донесување на воени одлуки во името на Израел.

Г-динот Род Ларсен ќе се сретне со Генералниот секретар на ОН Кофи Анан, пред Анан денеска да го брифира Советот за безбедност за актуелната криза.

Од ОН велат дека г-динот Анан, американскиот државен секретар Кондолиза Рајс и г-динот Солана, денеска ќе се сретнат во Њујорк на разговори за ситуацијата во Либан.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров изјави дека израелската офанзива нема да помогне да се ослободат грабнатите војници. Тој рече дека Хезболах и палестинската милитантна група Хамас треба да се повикат своите цели да ги остварат преку политички процес.

XS
SM
MD
LG