Линкови за пристапност

ОН на Израел му претставиле бројни предлози за прекин на насилството


Израелските воздушни напади врз Либан продолжуваат, додека Хезболах и натаму исфрла ракети врз северен Израел. Израел погоди неколку цели во Либан, вклучувајќи воен камп во близина на Бејрут, каде, според либанските воени претставници, загинале најмалку 11 војници.

Меѓу останатите цели во северен и јужен Либан е и населба во јужен Бејрут, која е седиште на Хезболах.

Според очевидците, најмалку шест лица загинале при нападот во близина на градот Бинт Џбеил во близина на израелската граница.

Во меѓувреме, во тек се дипломатски напори за решавање на кризата. Израелскиот министер за надворешни работи Зипи Ливни истакна дека Израел би се согласил на прекин на огнот, доколку милитантите на Хезболах ги ослободат двајцата киднапирани војници, но и да исполнат други услови.

- Мора да биде вклучено ефикасно распоредување на либански вооружени сили на југот на земјата, наместо припадниците на Хезболах како и разоружување на Хезболах како паравојска. Притоа мора да запрат ракетните напади врз израелските градови. Планот мора да вклучува и спречување на евентуални намери на Сирија и Иран во иднина да обезбедува оружје за Хезболах.

Коментарот на Ливни уследи по средбата со тричлен дипломатски тим на ОН. Терје Род Ларсон, еден од дипломатите, изјави дека ОН на Израел му претставиле бројни предлози за ставање крај на кризата.

- Мислам дека обете страни се согласни дека постои потреба од изготвување на политичка рамка за постигнување на евентуално примирје.

Со ескалација на насилството, владите ширум светот презедоа напори за евакуирање на своите граѓани, со што илјадници странски државјани започнаа да го напуштаат Либан.

Брод со француски државјани вчера допатува во Кипар, за евакуација на своите граѓани, а меѓувреме, за евакуација на своите државјани се подготвуваат и САД, Британија и Италија.

САД и Британија со авиони ги евакуираат лицата со специјални потреби, а Пентагон соопшти дека неколку воени хеликоптери и бродови веќе се подготвени за преземање на илјадници американски државјани од Либан.

Повеќето арапски земји од регионот, упатија тимови кои ќе организираат повлекувањето на нивните државјани од Либан преку Сирија.

Со продолжителните воздушни и крајбрежни напади Израел го отсече Либан како дел од стратегијата за ширење на фронтот против Хезболах. При воздушните напади, беше погоден и меѓународниот аеродром во Бејрут.

Според најновите испитувања на јавното мислење, речиси девет од десет анкетирани Израелци веруваат дека офанзивата на нивната земја против герилците на Хезболах во Либан, е оправдана.

Според анкетата, 81 процент од испитаниците, сметаат дека воените акции треба да продолжат, а само 17 проценти велат дека Израел треба да ги прекине операциите и да започне преговори.

XS
SM
MD
LG