Линкови за пристапност

Дискавери се приземји


Успешното слетување на Дискавери е големо олеснување за НАСА, која мораше да прекине со половично изградената меѓународна вселенска станица, пред повеќе од три години, кога шатлот Колумбија се распадна при влегувањето во земјината атмосфера.

Дискавери многу потсеќаше на обичен авион кога лесно ја допре пистата на Вселенскиот центар Кенеди:

Контролорите за летање го поздравија шестемина астронаути со зборовите: „Добредојдовте Дискавери и честититки за успешната мисија.“

Ова беше прво слетување на шатл за последнава година и второ по катастрофата со Колумбија.

Колумбија се распадна кога жешките гасови, предизвикани од судирот со атмосферата, влегоа во дупка на крилото на леталото. Таа дупка, пак, беше причинета од откинување на дел од цврстата изолациона обвивка која одвојувајќи се од надворешниот резервоар удрила во леталото при лансирањето.

НАСА ја опиша мисијата на Дискавери како тест за три-годишните напори за обезбедување тоа да не се случи никогаш повторно.

Количеството на отпадоци кои излегуваат од резервоарите за гориво е сведено на минимум, инсталирани се камери и сензори по површината на шатлот за да се откријат евентуалните проблеми при лансирањето или како резултат на судири со микро-метеори во орбитата. Екипажот на Дискавери не откри оштетување при неколку скенирања на заштитната обвивка на леталото, со што кај НАСА се поврати самодовербата за успешно приземјување на шатлот.

Шефот на програмата за Меѓународна вселенска станица Мајк Суфредини изјави дека мисијата е речиси совршена. „Не помнам поуспешна мисија во поновата историја. Секој цел ја исполнивме, а завршивме и други работи за кои сметавме дека нема да имаме време“, рече тој.

Една од целите беше да се остави нов, трет член на екипажот на Меѓународната вселенска станица, каде имаше двајца по катастрофата со Колумбија. Дискавери донесе и нови намирници и опрема за Станицата, а астронаутите направија вселенски прошетки за поправки на опремата која е важна за продолжување на изградбата.

Изградбата на Меѓународната вселенска станица ќе продолжи кон крајот на следниот месец, кога шатлот Атлантис ќе донесе две соларни плочи, нови батерии и друга опрема.

XS
SM
MD
LG