Линкови за пристапност

Заврши самитот на Групата 8


На третиот и последниот ден од Самитот, лидерите на најбогатите земји во светот, усвоија финален документ во кој е изложен план за акција по прашањата како глобалната енергетска безбедност и борбата против тероризмот и СИДА-та. Сепак на средбите главно се разговараше за ескалацијата на насилството во Израел и Либан.

Во заедничкото соопштение по ова прашање, лидерите на Г-8, истакнаа дека во моментов најважно е сите страни да спроведат итни мерки за ставање крај на воената акција.

Лидерите на САД, Русија, Британија, Италија, Франција, Германија, Канада и Јапонија го поддржаа и предлогот за предавање на прашањето на иранската нукеларна програма во надлежност на Советот за безбедност на ОН. Во заедничкиот документ Иран се предупредува дека доколку не одговори на барањата или доколку ги одбие барањата на меѓународната заедница, Советот за безбедност ќе продолжи да работи на изготвувањето резолуција која би повикала на воведување санкции спрема Иран.

Во однос на Северна Кореја, Г-8 го осуди неодамнешното тестирање на проектилите и го повикаа Пјонгјанг да се откаже од своите нуклеарни програми. Првите луѓе на Групата 8 воедно ја повикаа Северна Кореја да се врати на шестраните разговори, кои се во прекин уште од почетокот на годинава.

Околу согласноста за борба против инфективните заболувања, лидерите на светски најразвиените земји, повикаа на меѓународна соработка за мониторинг на ситуацијата, како и интензивирање на научното истражување и кампањите за јавна свест. Постигнат е консензус и за потребата од подобрување на пристапот за превенција и соодветен третман за болните.

Домаќинот на Самитот, рускиот претседател Владимир Путин изрази задоволство од постигнатите резултати. Тој кажа дека сите поставени цели биле остварени. Сите документи што било планирано да се донесат , биле усвоени, без никакви промени.

Г-динот Путин додаде дека за време на Самитот, го исполнил ветувањето да дозволи учество и на руските граѓански групи, чии членови велат дека во моментов нивниот глас е задушен.

Лидерите на Групата 8 индустријализирани земји постигнаа согласност и за засилување на соработката против глобалниот тероризам, со ветување дека ќе се справат со случаите на корупција во високите владини редови.

XS
SM
MD
LG