Идниот државен јавен обвинител не мора да биде државјанин на Република Македонија, министрите да одговараат пред премиерот, а не пред партиските лидери. ВМРО-ДПМНЕ предложиле, ДУИ прифатиле.
Ова се двете конкретни работи за кои се согласиле делегаците на двете партии по денешниот тричасовен разговор во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, за потенцијалниот изглед на новата извршна власт. Не е разговарано за ресори и за имиња, туку за принципи, изјави по средбата членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и директен учесник во преговорите, Антонио Милошоски. Дали тоа значи дека коалицијата е веќе договорена?
- Не би можел тоа се уште да го кажам, бидејќи за такво нешто ќе мора највисоките партиски тела да донесат одлука. Но очигледно е дека желба за соработка постои. Во овие разговори, во овие принципи што ги договоривме треба да се разгледаат сега на највисоко ниво во двете партии за потоа да излеземе со конечен став околу можноста за коалициона соработка. Тоа секако ќе биде обелоденото, но мислам дека во овој момент се уште не може да се тврди дека тоа е постигнато.
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, од ДУИ нешто позатворени во однос на тоа за што се разговарало на четвртата средба на партиските претставници на двете партии што освоија најголема доверба кај етничкиот македонски и етничкиот албански електорат. Иако во најбројна делегација досега, во состав Теута Арифи, Муса Џафери, Фатми Бесими, Ермира Мехмети и генералниот секретар на ПДП, портпаролката Мехмети, негира:
- Најодговорно тврдам дека разговаравме за програмските платформи и принципите на идната евентуална соработка, а не за партиски кадри и ресори.
Многу поважни се принципите врз кои ќе се гради новата влада, многу поважни се начелата што ќе се отворат и ќе се дефинираат како заеднички во една евентуална заедничка владина коалиција, така што бројките, ресорите и кадровските решенија така како што сме кажале и порано, во овој момент се прашања од секундарен карактер.
И вториот субјект на етничките Албанци Демократската партија на Албанците ги прифатила истите принципи, потврдува г-динот Милошоски. По информацијата дека ДПА одбива влез во идната влада заедно со ДУИ, од ВМРО–ДПМНЕ велат - вратата за ДПА и натаму останува отворена, особено што, како што кажа Милошоски, ДУИ му остава на ВМРО -ДПМНЕ да ги одбира идните партнери и не се исклучиви во тој поглед.
- Ние стоиме на ставот дека сме отворни за соработка, искрено им понудивме можност за соработка и се уште сме на тој став. Мислам дека во ДПА има луѓе кои знаат тоа разумно да го проценат, има уште време, не се завршени деновите за разговори и преговори, така што мислам дека во наредните денови очекуваме еден подобар, попозитивен, прогресивен пристап од страна на ДПА и нивно вклучување во овие разговори за стабилна влада, стабилна држава и стабилно парламентарно мнозинство.
Мехмети го потврди она што кажа и Милошоски, дека не се заинтересирани за она што се случува со ДПА.
- Прашањето на ДПА апсолутно не е приоритетно за ДУИ. Тие се партија што изгуби на изборите. Во најмала рака имаат помал број на пратеници и на гласови во албанскиот етнички кампус. Сметаме дека прашањето за позициите на ДПА треба да се постави токму на ВМРО-ДПМНЕ како иден мандатар, што ги кани политичките партии на разговори за една идна евентуална владина коалиција. Така, за нас апсолутно не е приоритетно прашањето за тоа кое е однесувањето и позициите на ДПА.
А од Тетово, информациите се дека и покрај првичните најави оти ДПА се откажува од преговорите за влез во идната извршна власт, ако во неа биде конкурентот ДУИ, на централното претседателство било одлучено да се причека исходот од вчерашната средба меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Според најавите од ВМРО- ДПМНЕ, разговорите со ДУИ продолжуваат и утре.