Линкови за пристапност

Продолжуваат разговорите за новата влада


Демократската партија на Албанците, Новата социјалдемократска партија, Демократската обнова на Македонија и Партијата за европска иднина - ова се партиите на кои засега лидерот на победничката коалиција Никола Груевски може да смета како на идни партнери во новата власт. Со изборните резултати на Џафери, Петковски, Поповска и Цановски, Груевски стигнува до потребното мнозинство за формирање влада.

Добиена е начелна согласност, иако не се разговарало за кадровските прашања, велат од ВМРО -ДПМНЕ И денеска нема информации до каде се разговорите со партијата на етничките Албанци што освои најголем број пратеници - Демократската унија за интеграција. Официјално, на политичко ниво тие можно е да се случат денеска.

Неофицијално, веќе имало средба помеѓу претставници на обете партии но не на лидерско ниво. Се разговарало за економската програма. Создавањето стабилна влада со големо парламентарно мнозинство, од една страна, и задржувањето на традиционалните партнери, од друга, ќе биде отежнувачка околност во преговорите на Груевски за новата извршна власт. ДПА, бара таа да биде етничката албанска партија во новата влада и покрај послабите изборни резултати. Од ДУИ инсистираат дека тие го имаат легитимитетот од етничкото албанско население и оти во новата власт треба да влезат двете партии што освоиле најмногу гласови кај електоратот.

- Дали ќе влеземе во власта ќе зависи веројатно од тоа врз кои принципи ќе се усгласат тие што ги водат преговорите , а тоа се двете делегации на ДУИ и на ВМРО – ДПМНЕ, вели портпаролката Ермира Мехмети.

- Очекуваме дека во преговорите ќе биде вклучена и партијата која освоила најмногу гласови кај албанскиот електорат, изјави денеска европретставникот Ерван Фуере, притоа оградувајќи се дека за тоа кој ќе влезе во власта е сепак внатрешно прашање.

- За нас е важно да се формира влада која ќе ја респектира волјата на граѓаните и во исто време ќе продолжи со реформскиот процес. Јас очекувам дека во преговорите ќе биде вклучена и албанската партија што добила најмногу гласови на изборите.

XS
SM
MD
LG