Изборите покажаа колку на Македонија и значи иднината во евро-атланските структури. Вака оценува Розмари ди Карло, заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања во Стеjт Департментот во интервјуто за Гласот на Америка на македонски, ветувајќи натамошна американска поддршка за македонските аспирации.
- Им честитаме на луѓето во Македонија на успешните избори. Многу сме задоволни што изборите во основа минаа на мирен и демократски начин, вели претставничката на Стејт департментот, која укажа и дека извештајот на ОБСЕ наведува оти изборите во најголем дел ги задоволиле меѓународните стандарди.
Американската влада сепак истакнува дека не минало се́ во ред:
- Подвлекуваме и дека имало неправилности, не само на денот на изборите, туку дека претходно имаше насилство.
Ди Карло изрази увереност дека властите во Македонија ќе спроведат истрага и дека ќе бидат казнети виновниците.
Граѓаните, смета Ди Карло на овие избори упатиле и една поширока порака:
- Мислам дека начинот на кој беа изведени изборите покажаа колку многу иднината во Европа, во ЕУ и во НАТО, им значи на граѓаните на Македонија.
Што по изборите? Вашингтон смета дека е крајно важно „да продолжи работата на политички, економски и одбрамбени реформи потребни за интеграција во НАТО, мошне важно е да има помирување во земјата, натамошно да се работи на имплементација на Охридската спогодба, и Македонија да чекори енергично напред“, вели Ди Карло.
САД, нагласи заменик помошникот државен секретар, и натаму ќе ја сметаат Македонија за партнер.
- Со нетрпение очекуваме да работиме со новата влада. Ќе бидеме партнер и ќе обезбедиме поддршка за македонските аспирации.