Линкови за пристапност

Првични резулати на ДИК со обработени 99 проценти од гласовите


Најмногу 32, 46 проценти од гласовите на вчерашните парламентарни избори освоила коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Ова денеска го соопшти Државната изборна комисија, врз основа на обработени 99 проценти од гласовите. Остануваат уште да се обработат околу 41.238 гласови од втората, четвртата и шестата изборна единица.

Со 23,33 проценти од гласовите коалицијата „За Македонија заедно“ предводена од СДСМ би била втората сила во идниот македонски парламент. 303.149 македонски граѓани се определиле за досегашната опозиција, додека 217.650 гласачи одлучиле својот глас да го дадат на досегашната владејачка коалиција. Третото место со 114.300 гласови е за коалицијата на Демократската унија за интеграција, Партијата за демократски просперитет и Партијата на Бошњаците, или 12,23 проценти од гласовите. Потоа, следуваат Демократската партија на Албанците со 70.133 или 7,5 проценти, ВМРО-Народна со 57.121 или 6,11 проценти, Новата социјалдемократска партија со 56.922 или 6,09 проценти, ДОМ на Лилјана Поповска со 17. 579, Партијата за економска обнова на Велија Рамковски со 13.102 и Партијата за европска иднина на Фијат Цановски со 11.437 гласови или сите со малку повеќе од еден процент од гласовите.

56,15 проценти или 975.132 гласачи го искористиле своето право на глас.

Од шесте изборни единици, најголем процент на излезност има во четвртата изборна единица 64,44 проценти, а неславен рекорд на најмал број избирачи излезени на гласање има во шестата изборна единица со 47, 56 проценти.

Општата слика покажува дека коалицијата „За подобра Македонија“ води пред коалицијата „За Македонија заедно“ во сите изборни единици, освен во шестата, а од албанскиот политички блок коалицијата предводена од ДУИ води пред ДПА во сите изборни единиц, онаму кадешто имаат свои кандидати. Портпаролот на ДИК Зоран Таневски одби да каже што овие бројки значат во идни пратеници.

-Тоа ќе биде направено откако резултатите ќе станат конечни, по завршувањето на сите рокови за приговори и жалби за да не дојде до грешка, па да се објави дека некој носител добил мандат, а потоа во оваа постапка при утврдување на конечните резултати да додје до промена. Доколку имате интерес да пресметате која партија колку мандати добила, ќе мора да ја примените Донтовата метода. А симулацијата со овие податоци говори дека неофицијално, победничката коалицијата би имала 44, СДСМ 32, ДУИ 18, ДПА 11, НСДП 6, исто толку и ВМРО-Народна, и ДОМ, ПЕИ и независниот Панчо Минов со по еден пратеник во идниот парламентарен состав. Изборниот процес според ДИК бил демократски со незначителни прекршувања што не го нарушиле демократскиот амбиент.

XS
SM
MD
LG