Линкови за пристапност

Според првичните нецелосни податоци на ДИК, води Коалицијата за подобра Македонија


Коалицијата За подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ е на пат да ја раководи новата македонска влада во следните четири години. Ова е заклучокот од првичните нецелосни информации што до полноќ пристигнале до Државната изборна комисија. Таа цела ноќ остана да ги обработува податоците што по елетронски пат пристигнуваа во компјутерскиот центар, така што објавувањето на конечните резултати останува за денеска.

Од обработени 56% од избирачките места во првата изборна единица, во водство е коалицијата За подобра Македонија со 21.155 гласа, пред коалицијата За Македонија заедно со 14.050 гласови, а следуваат ДУИ со 10.486, ДПА со 7.655 и ВМРО-Народна со 2.985 гласа.

Во втората изборна единица, од пребројани 43%, води ВМРО-ДПМНЕ со 14.429, па следуваат ДУИ со 11.906, Социјалдемократскиот сојуз со 10.285 и ДПА со 7.936 гласа.

Водството во третата изборна единица го имаат ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери со 39.843 гласови. Следуваат Социјалдемократскиот сојуз со 25.320 гласови, ВМРО-Народна со 8.184, Новата социјалдемократска партија со 6.981 глас, ДУИ со 1.750 и ДПА со 489 гласа.

Од пребројани 68% од избирачките места во четвртата изборна единица, ВМРО-ДПМНЕ располага со 44.478 гласови, СДСМ со 32.351, ВМРО-Народна со 6.243 и Новата социјадемократска партија со 3.854 гласа.

Во петтата изборна единица, по пристигнати 67% од податоците, коалицијата За подобра Македонија на ВМРО-ДПМНЕ води со 31.271 глас, пред За Македонија заедно со 21.897, ДУИ, ПДП и Партијата на Бошњаците со 8.937, ВМРО-Народна со 7.331 и ДПА со 4.756 гласа.

Во шестата изборна единица се регистрирани само 49% од гласовите. Во убедливо водство е коалицијата што ја преводи ДУИ со 29.818 гласови, а следуваат ДПА со 14.632, Социјалдемократскиот сојуз со 5.358 и ВМРО-ДПМНЕ со 4.368 гласа.

Со првични проценки за распоредот на силите во новиот македонски парламент излезе и граѓанската асоцијација МОСТ со користење на таканаречената пи-ви-ти програма, спроведена на примерок од 30 проценти од секоја изборна единица, со 1% можност за маргинална грешка. Според тие податоци, најбројна во идниот парламент ќе биде коалицијата За подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со најмалку 43 пратеници. Потоа следуваат Социјалдемократскиот сојуз на Македонија со најмалку 30 пратеници, ДУИ и ВМРО-Народна со по 7, Новата социјалдемократска партија со 6, ДПА со 5 и ДОМ и Партијата за економска иднина со најмалку по 1 пратеник. Велам – најмалку, затоа што МОСТ поради нецелосни податоци не може да прогнозира каков ќе биде исходот во шестата изборна единица. Таму објавија само проценти од гласовите, според кои во водство е ДУИ со 42,91, а следуваат ДПА со 26,57, СДСМ со 10,25, ВМРО-ДПМНЕ со 8,17, Новата социјалдемократска партија со 3,38 и ВМРО-Народна со 2,4%.

XS
SM
MD
LG