Линкови за пристапност

Груевски прогласи победа, Бучковски честиташе


Во духот на фер и демократски изборен процес, поразениот лидер на социјалдемократите Владо Бучковски му ја честита победата на победникот – Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Обајцата им упатија честитки на граѓаните за успехот на Македонија да спроведе фер и демократски избори – клучниот услов за остварување на нејзините евро-атлантски аспирации.

- Граѓаните донесоа мудра одлука во последен момент, изјави лидерот на победничката ВМРО-ДПМНЕ Груевски, најавувајќи дека веднаш ќе почне да работи на формирање на новата влада, која, според него, треба да се фокусира на исполнување на ветувањата кои оваа партија ги даде во изборната кампања.

- Врвен приоритет за нас ќе биде Европската унија, намалување на сиромаштијата и невработеноста, зголемување на животниот стандард и борбата против корупцијата, изјави Груевски прогласувајќи победа на парламентарните избори, непосредно откако лидерот на социјалдемократите го призна поразот.

Бучковски од својата страна им честиташе на граѓаните за успехот да се спроведат фер и демократски избори, како и на победата на опозиционата коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

- Ќе бидеме опозиција во парламентот која конструктивно ќе продолжи да ја поддржува европската интеграција на Република Македонија, изјави лидерот на СДСМ, признавајќи го поразот на коалицијата на чие чело беа социјалдемократите.

XS
SM
MD
LG