Одлуката беше донесена со пет гласови „за“ и три „против“. Случајот беше фокусиран на Салим Ахмед Хамдан, поранешен телохранител и возач на Осама бин Ладен.
Врховниот суд одлучи дека во случајот Хамдан важат американскиот закон и Женевската конвенција, што значи дека сега би можело да му се суди во традиционалниот армиски правен систем или на граѓански суд, но не и на специјално создаден воен трибунал.
Ова секако е случај во кој претседателот ги проширил извршните овластувања споредено со неговите претходници и денешната одлука звучи како предупредување, кажа еден од адвокатите на Хамдан, професорот Нил Катјал од Одделот за право на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.
Претседателот реагираше на одлуката по заедничката прес конференција со јапонскиот премиер Јунихиро Коизуми во Белата куќа. Буш додаде дека треба внимателно да ја разгледа одлуката, но дека на прв поглед постои начин во соработка со американскиот Конгрес, да направи воените трибунали да бидат во согласност со законот.
Ова е втора поголема одлука против администрацијата на Буш во врска со Гвантанамо. Пред две години, Врховниот суд го отфрли барањето на претседателот за овластување да нареди осомничените за тероризам во притвор да се држат на неодредено време без право на пристап до судови или адвокати.
Организацијата за човекови права Амнести интернешнал вели дека одлуката на Врховниот суд претставува победа за владеењето на правото и човековите права. Во своето соопштение Амнести го повикува претседателот Буш да ги подреди сите свои политики во војната против тероризмот во согласност со американското и меѓународно право.