Линкови за пристапност

НАТО и ЕУ предупредуваат на опасностите од предизборното насилство во Македонија


Комесарот Оли Рен најави дека не сака да ја плаши Македонија со кочење на нејзината европска перспектива поради досегашните инциденти, но повика да не се штедат напорите да се одржат демократски избори.

- Мора да се направи се́ што е можно за да се одржат избори во согласност со европските стандарди. Ова е критичен услов за напредок на земјата кон Европската унија. Нема потреба да цртаме ѓаволи по ѕидовите, рече комесарот Рен.

И НАТО повика да се стави крај на изборното насилство во Македонија, бидејќи насилството нема да и` помогне на државата. Портпаролот на Алијансата изјави дека не станува збор за прекинување на преговорите за членство во НАТО, но истакна дека еден од стандардите на организацијата е спроведувањето на слободни и чесни избори без насилство, како и дека насилството не помага во напорите на земјата да се приближи кон Алијансата.

Слична порака испрати и финскиот амбасадор при Европската унија, чија земја од први јули го презема претседателството во Унијата. Ејки Косонен потврди дека за Финска, процесот на проширување и Балканот се приоритетни теми.

- Прерано е отсега да се каже дали Македонија во декември ќе добие сигнал за почеток за преговори за членство, како што е и прерано да се зборува за тоа дали досегашните инциденти на изборите ќе имаат последици врз понатамошната европска интеграција на земјата, рече Косонен, повторувајќи дека Европската унија очекува напредок.

XS
SM
MD
LG