Линкови за пристапност

САД и ЕУ – истомисленици по иранското прашање


Претседателот Буш вели дека кога се работи за спорот околу иранските нуклеарни амбиции, меѓународната соработка е клучна.

„Од особена важност е иранското раководство да погледне во светот и да каже дека Европа и САД, Русија и Кина се обединети во заедничката желба, да се осигура дека Иранците нема да произведат нуклеарно оружје.“

Претседателот го напомена пакетот поттици на меѓународната заедница даден на Иран како напор земјата да се убеди да се откаже од активностите за збогатување на ураниумот. Иран соопшти дека одговорот по прашањето ќе го даде до крајот на август, а г-динот Буш со реакција дека тоа е предолг период, повторно нагласувајќи дека Техеран има недели, а не месеци да одговори.

Буш ова во изјави на заедничката прес-конференција со претседателот на Европската комисија Хозе Баросо и австрискиот канцелар Волфганг Шисел, чија земја се наоѓа на чело на ротирачкото претседателство на ЕУ.

Канцеларот Шисел истакна дека за време на Самитот, освен за Иран и ситуацијата во Иран, се разговарало и за Балканот, по што претседателот Буш ги пофали лидерите на ЕУ за нивната соработка во спроведување на демократија во региони како што е Балканот.

Обајцата лидери изразија загриженост околу третманот на лицата осомничени за тероризам кои се држат во притворот на Заливот Гвантанамо на Куба. Претседателот Буш истакна дека сака да го затвори притворот, штом биде изготвен планот за враќање на некои од затворениците во нивните земји, а другите да бидат изведени пред правдата.

„Има некои на кои треба да им се суди во американските судови. Тие се ладнокрвни убијци, тие ќе убијат некого доколку бидат пуштени на улица, а во истовреме веруваме дека постои решение во правото и чекам на американскиот Врховен суд да одреди соодветен начин на кој на овие лица ќе им биде судено.“

Се почувствува одредена тензија кога претседателот Буш беше запрашан за најновите испитувања на јавното мислење кои покажуваат опаѓање на рејтингот на САД во Европа. Прашањето предизвика емоционален одговор од австрискиот канцелар.

„Роден сум во ’45-та. Во тоа време, Виена и половината од Австрија беа во урнатини. Без учеството на Америка, каква би била европската судбина? Каде би била Европа денес?“

Што се однесува на прашањето на Северна Кореја, г-динот Буш рече дека земјата ќе се соочи со понатамошна изолација од меѓународната заедница доколку ги тестира проектилите со долг домет за кои се верува дека можат да досегнат до американското копно.

Следна станица на претседателот e Будимпешта, каде ќе учествува на церемониите за одбележување на годишнината од Унгарската востание против комунизмот, што советските трупи го задушија во 1956-та година.

XS
SM
MD
LG