Ирачкиот советник за национална безбедност вели дека минатонеделното убиство на терористичкиот водач Абу Мусаб Ал-Заркави сигнализира „почеток на крајот“ на Ал-Каида во Ирак.
Мовафак Ал-Рубаи изјави дека информациите пронајдени кај Заркави им дале голема предност на ирачките сили против терористичката организација. Тој кажа дека документите содржат податоци за локациите на терористичките водачи, оружјето, како и начинот на управување со организацијата. Ал Рубаи најави дека странските трупи би можеле да го напуштат Ирак до средината на 2008-ма година. Претседателот Буш одби да прецизира рок за повлекување.
Во меѓувреме, Ал-Каида во Ирак најави нови напади. Американската армија верува дека зад името на новиот водач Абу Хамза Ал-Мухацер се крие Абу Ајаб Ал-Масри, Египќанец кој е тесно поврзан со Заркави.
Вчера во Ирак во експлозија на бомба пред пекара во Багдад загинаа три лица. Вооружени лица убиле 10 работници во Бакуба, соопшти полицијата. Во Тикрит пак, во напад на џамија загинале четворица Арапи-сунити.
Според американската армија, бројот на загинати американски војници во Ирак достигна 2.500-тини.
Речиси две илјади загинале во непријателска акција. Од инвазијата на Ирак во март 2003-та – наваму, биле повредени 18 илјади војници.
Рагирајќи на овие податоци, портпаролот на Белата куќа Тони Сноу синоќа изјави дека претседателот Буш ја чувствува болката на семејствата на загинатите и дека е уверен оти тие не загинале залудно.
Во конфликтот досега загинаа и десетици илјади Ирачани.