Линкови за пристапност

Буш убеден дека Ал-Малики верува во слободен и демократски Ирак


Посетата на претседателот Буш беше држена во тајност, така што за неа до последен момент не знаеа ниту некои од неговите главни соработници, ниту пак ирачкиот премиер. Со ноќен лет, Буш пристигна во Багдад на први директни разговори со Ал-Малики со порака:

„Кога Ирак ќе успее да има влада од и за народот на Ирак, ќе им нанесете голем удар на оние кои имаат визија на темнина, кои не веруваат во слобода, кои се расположени да убиваат недолжни за да постигнат политичка цел“.

Ирачкиот премиер изрази надеж дека американските сили наскоро ќе можат да се повлечат од Ирак, како и дека е определен за плуралистичка влада која ќе ја премости секташка поделба.

„Формирањето на владата на национално единство може да се смета за почеток на нашиот успех“, кажа господинот Малики.

За време на петчасовната посета, американскиот претседател се сретна и со американските сили на кои им кажа дека разбира колку е тешко долгорочното распоредување и додаде дека претстојат уште жртвувања, но дека верува оти волјата е цврста.

„Денес дојдов не само да ве посетам вас, туку и да го погледнам во очи премиерот Малики за да видам дали е определен за слободен Ирак, како што сте вие. Верувам дека е“, рече претседателот Буш.

Ирачката влада соопшти дека започнувајќи од денеска, ќе распореди најмалку 40 илјади дополнителни американски и ирачки војници за сузбивање на насилството во Багдад.

XS
SM
MD
LG