Линкови за пристапност

Скефер во Скопје


„Ќе повторам дека тоа мора да бидат 110 проценти слободни и фер. Тоа е реперот според кој Македонија ќе биде оценувана, да се види дали е тоа возможно, и тоа е според мене најважно краткорочно достигнување што треба да го направи оваа држава на 5-ти јули“, рече Скефер.

Исходот не го интересира, оти како што подвлече, тој во Македонија доаѓа како неутрален генерален секретар на НАТО. Скефер не би сакал да ја доживее загриженоста од локалните избори:

„Јас како секретар на НАТО сум 110 проценти неутрален, не доаѓам овде за да се инволвирам во нечија изборна кампања, ниту пак да зборувам во полза или пак против една или друга политичка партија. Тоа не е моја работа“.

Изборите се вистинскиот тест за европската и атлантската иднина на Македонија, вели премиерот Владо Бучковски. Моќта, според него, е во граѓаните.

„Убеден сум дека граѓаните на Република Македонија - со притисокот што ќе го извршат врз политичарите - ќе направат атмосфера каде на крајот секој ќе биде подготвен да ги признае резултатите“, рече Бучковски. Она што е направено досега е позитивно, но не е доволно, смета Скефер. Во тој контекст и законот за полиција, што овој парламентарен состав не успеа да го донесе, а е важен чекор за реформи во полицијата.

Но, она што сега сите земји-членки на Алијансата го очекуваат со нетрпение се изборите.

Првиот човек на НАТО не може да гарантира што ќе произлезе од ноемврискиот самит во Рига, но верува оти ќе биде позитивно.

Состојбата во регионот, регионалната соработка во рамките на Јадранската група и македонското учество во меѓународните мисии беа темите на кои првиот човек на НАТО уште еднаш разговараше со честите гости во Брисел - министрите за надворешни работи и за одбрана Илинка Митрева и Јован Манасиевски. Од македонска страна била изразена благодарност за улогата на НАТО во стабилизирањето на состојбата по конфликтот во 2001-ва година.

Независно од исходот на изборите, НАТО интеграцијата ќе стане државен приоритет за Македонија, му ветил претседателот Бранко Црвенковски на првиот човек на НАТО. Скефер, пак, истакнал дека исклучиво индивидуалните постигнувања на земјите-кандидати ќе бидат единствениот критериум по што ќе бидат вреднувани.

Посетата на генералниот секретар на НАТО е во рамки на турнејата низ земјите од Јадранската група, а е втора на Македонија. Првата беше минатата година, неколку месеци по неговото назначување за генерален секретар.

XS
SM
MD
LG