На првиот ден од разговорите во Кемп Дејвид присуствуваа главните советници на претседателот, меѓу кои државниот секретар Кондолиза Рајс, секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд и командантот на здружениот-генерал штаб, генералот Питер Пејс.
Претседателот Буш по синоќешниот дел од средбата изјави дека акцентот бил на тоа како најдобро да и́ се помогне на новата влада во Ирак. Буш додаде дека смртта на терористичкиот лидер Абу Мусаб Ал-Заркави претставува голем удар за Ал-Каида, но дека тоа нема да стави крај на војната во Ирак.
Американскиот амбасадор во Ирак Зелмај Калилзад ќе се приклучи на дискусијата од Багдад преку видео-врска, исто како и главниот американски командант во Ирак – генералот Џорџ Кејси и претставниците на новата ирачка влада.
Генералот Кејси во неделата најави дека на средбата нема да претстави план за повлекување на американските сили во Ирак, но затоа очекува континуирано постепено намалување на нивниот број во наредните месеци и почетокот на наредната година. Ирачкиот советник за национална безбедност, Мовафак ал-Рубаи, пак, прецизираше дека бројот на коалиционите сили може да падне под 100 илјади до крајот на годинава.