Линкови за пристапност

Заркави починал од повреди при нападот, тврди американската армија


Армиски портпароли вчера во Багдад соопштија дека експертски тим извршил детална обдукција на телото на Заркави, кој беше убиен во саботата за време на американски воздушен напад. Тие велат дека доказите јасно укажуваат оти тој подлегнал на повредите добиени за време на експлозиите. Медицински стручњак кој извршил проверка на телото на Заркави вели дека нема докази, ниту пак постои причина да се верува оти Заркави бил тепан или пак повреден од рачно огнено оружје.

Во одредени извештаи беа цитирани сведоци дека американски војници го тепале, а потоа убиле водачот на Ал-Каида во Ирак, но според американски официјални лица, тој всушнот примал американска лекарска помош кога починал, точно 52 минути откако првата бомба го погодила неговото засолниште.

„Претрпе тешки повреди во пределот на градниот кош и тоа доведе до смрт“, изјави главниот американски армиски хирург во Ирак, полковникот Стив Џонс.

Џонс кажа и дека во истиот воздушен напад, загинал и духовниот советник на Заркави, Шеик Абдул-Ракман.

На порака на Интернет, Ал Каида во Ирак објави наследник на Заркави. Оваа милитантна група го назначи Шеик Абу Хамза Ал-Мухаџер, за кој вели дека е „побожен брт кој има искуство во џихадот и кој е образуван човек“. Групата не откри многу детали за него, па дури ни неговата националност, но зборот „муџахер“ на арапски значи имигрант.

Вчера во Ирак, за време на американска акција во близина на Бакуба, биле убиени седуммина бунтовници кои имале врски со Ал-Каида. Во воздушниот напад настрадале и две деца. Американскиот армиски претставник, генерал-мајорот Вилијам Калдвел кажа дека загинувањето на децата претставува исклучителен несреќен случај и додаде дека тие биле заедно со бунтовниците кои отвориле оган врз американските сили. Во Багдад, пак, од патна мина загинале најмалку шест лица, соопшти ирачката полиција.

XS
SM
MD
LG