На дневниот ред на средбата на претседателот Буш со главните цивилни и воени советници се редица прашања врзани со стратегијата за Ирак по комплетирањето на ирачкиот владин кабинет, смртта на терористичкиот водач Абу Мусаб ал-Заркави и самоубиството на тројца осомничени терористи во Гвантанамо.
На првиот ден на разговорите во Кемп Дејвид ќе присуствуваат главните советници на претседателот, меѓу кои државниот секретар Кондолиза Рајс, секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд и командантот на здружениот-генерал штаб, генералот Питер Пејс.
Американскиот амбасадор во Ирак Залмај Калилзад ќе учествува во дискусијата од Багдад преку видео-врска, исто како и главниот американски командант во Ирак – генералот Џорџ Кејси и претставниците на новата ирачка влада.
Генералот Кејси во неделата најави дека на средбата нема да претстави план за повлекување на американските сили во Ирак, но затоа очекува континуирано постепено намалување на нивниот број во наредните месеци и почетокот на наредната година. Ирачкиот советник за национална безбедност Мовафак ал-Рубаи беше попрецизен и кажа дека бројот на коалиционите сили може да падне под 100 илјади до крајот на годинава.
Насилството во Ирак продолжува. Денешните извештаи зборуваат за американска акција во која во близина на Бакуба биле убиени седдумина бунтовници кои биле поврзани со Ал-Каида. Во воздушниот напад настрадале и две деца. Армискиот портпарол, генерал-мајорот Вилијам Калдвел изрази жалење што децата загинале, објаснувајќи дека тие биле заедно со бунтовниците кои отвориле оган врз американските сили. Во Багдад, пак, од патна мина загинале најмалку шест лица, соопшти ирачката полиција.