Линкови за пристапност

Реакции на елиминацијата на Заркави


Во американски воздушен напад загина Абу Мусаб ал-Заркави, водачот на Ал-Каида во Ирак кој се терети за нападите, експлозиите на бомби и обезглавувања на грабнати лица во последните некоку години. Правдата е задоволена, коментираше американскиот претседател Буш, а секретарот за одбрана кажа дека се работи за значајна победа во борбата против тероризмот.

Веста за убиството на Заркави ја објави ирачкиот премиер Нури Ал-Малики на прес-конференција со американскиот армиски командант во Ирак, генерал Џорџ Кејси и американскиот амбасадор Залмај Калилзад. Ал-Малики кажа дека Заркави загинал заедно со седум помошници во засолниште во куќа во Бакуба, североисточно од Багдад. На подоцнежен брифинг, американската армија покажа фотографија со мртвото тело на Заркави како и видео-снимка од нападот.

„Апсолутно немаме сомнежи дека Заркави бил во куќата. Имаме потврда за тоа – 100 отсто. Тоа беше целта врз која стрелавме“, рече армискиот портпарол, генерал-мајорот Вилијам Калдвел.

Ал-Каида ја потврди веста за загинувањето на Заркави преку порака на Интернет во која тој се прогласува за - „маченик“.

Родум од Јордан, Заркави директно учествуваше во видео снимките и пораките на Интернет на неговата терористичка група, а се вели и дека лично учествувал во обезглавување на грабнати лица и други убиства. Тој долго време се наоѓаше во бекство, и покрај американската награда од 25 милиони долари за негово апсење.

Претседателот Буш реагираше на веста со коментар дека благодарение на американските сили, правдата е задоволена. Во изјавата од Белата куќа тој подвлече дека се работи за тежок удар врз Ал-Каида, но сепак предупреди дека терористите ќе се обидат да продолжат без него, и вети натамошна поддршка за новата ирачка влада.

„Заркави лично обезглавуваше американски заложници и други цивили во Ирак. Тој беше `мозокот` на операцијата за уништување на седиштето на ОН во Багдад. Им честитам на нашите сили. Заркави е мртов. Но, тешката и макотрпна работа во Ирак продолжува. Треба да очекуваме терористите и бунтовниците да продолжат со нападите без него“, изјави Џорџ Буш.

Од Брисел, каде беше на средба со своите колеги од НАТО, се огласи и секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд, кој рече дека американските трупи веќе извесно време му биле зад петици на Заркави:

„Со оглед на природата на терористичките мрежи, смртта на Заркави - иако е многу важна - нема да значи крај на насилството во земјата и никој не треба да смета на тоа. Но, фактот дека тој е мртов е бездруго значајна победа во борбата против тероризмот во Ирак и ширум светот“.

Американските воени команданти сега истражуваат кој би можел да го замени Заркави, како главен оперативец на Ал-Каида во Ирак.

Во Конгресот, водачот на мнозинството републиканци во Претставничкиот дом, Џон Бонер кажа дека смртта на Заркави позитивно ќе се одрази и на безбедноста на САД:

„Елиминицијата на терористот Заркави претставува уште една важна пресвртница постигната за ирачкиот народ во глобалната војна против тероризмот. Тоа е важен и опиплив успех и сметам дека Американците денес се побезбедни како резултат на тоа“.

Реагираше и првиот човек на демократите во истот дом, Ненси Пелоси:

„Ги поздравувам напорите на американските сили кои работеа неуморно на пронаоѓање на терористот Заркави. Неговата смрт и назначувањето на ирачки министри за одбрана и внатрешни работи треба да го забрзаат процесот до денот кога Ирачаните самите ќе преземат одговорност за својата безбедност, а американските сили ќе може да се вратат дома“.

Британскиот премиер Тони Блер изјави дека ова е важен момент за Ирак и голем удар за Ал-Каида насекаде во светот.

XS
SM
MD
LG