Линкови за пристапност

Американската армија врши рации по убиството на Заркави


Армискиот портпарол генерал-мајор Вилијам Калдвел информираше за рациите во време кога коалиционите сили работат на растурање на терористичкиот огранок на Ал-Каида под водство на Заркави во Ирак. Генералот Калдвел исто така соопшти дека Заркави го преживеал воздушниот напад доцна вечерта во средата врз засолништето во Бакуба, но дека подоцна починал од добиените повреди. Тој кажа и дека според најновите информации, други двајца мажи и три жени загинале за време на нападот.

Ирачките власти воспоставија забрана за моторен сообраќај во Багдад и областите на север, навидум со цел да се спречат одмазднички напади на бунтовниците. Ирачкото министерство за внатрешни работи соопшти дека забраната ќе остане на сила меѓу 11:00 и 15:00 часот по локално време кога повеќето Ирачани одат на молитва во џамија.

За Заркави, кој беше родум од Јордан, и по кого беше распишана потерница од 25 милиони долари, се вели дека лично учествувал во обезглавувањето на заложници и останати убиства. Неговото тело беше идентификувано преку отпечатоци на прстите, лузни на телото и препознавање на лицето. Во моментот се вршат и ДНК тестови лабораторијата на Федералното истражно биро во Вирџинија.

Доцна во четвртокот во Ирак вооружени лица грабнаа виш претставник на ирачкото министерство за нафта во моментот кога се враќал дома.

XS
SM
MD
LG