Линкови за пристапност

Винчи Ву Перкинс:  Македонија на крстопат, но и извор и крајна дестинација во трговијата со луѓе


Македонија не е само транзитно подрачје, туку и извор и финална дестинација во трговијата со луѓе, оцени во интервју за Гласот на Америка на македонски директорот на програмата против трговијата со луѓе од невладината организација Витални Гласови во Вашингтон, Винчи Ву Перкинс. Таа смета дека усвојувањето на Националниот акционен план и стратегија за борба против ова зло во 2006-та е чекор напред во усогласување на македонското со европското законодавство.

„Македонија, како и другите земји во регионот е крстопат на трговијата со луѓе, независно дали крајна дестинација за жртвите е Јужна или Западна Европа. Тоа е добро познат факт, за повеќето луѓе кои се занимаваат со проблемот“, вели Перкинс.

За поплаките на многу земји во регионот дека се „жртви“ на овој проблем поради географската положба, Перкинс посочи на тукушто издадениот извештај на Стејт департментот за трговија со луѓе во кој Македонија, освен како транзитно подрачје, е извор и финална дестинација: „Владата треба да се фокусира на три области – спречување, заштита и кривичен прогон. Македонската влада е релативно млада и треба да го зајакне капацитетот да ги спроведува законите и кривично да ги гони сторителите на криминални дела во соработка со другите влади, но и да им обезбеди заштита на жртвите на трговија“.

Усвојувањето на Националниот акционен план и стратегија за борба против трговијата со луѓе во 2006-та за Перкинс - исто како и за Стејт департментот - е позитивен чекор и таа ги повика македонските власти целосно да го применуваат законот за заштита на сведоци за да ги намалат заканите и заплашувањата на нивна адреса.

Потенцирајќи дека повеќето земји од ЕУ имаат национални закони што во пракса овозможуваат заштита на сведоци, Перкинс смета дека „Македонија, во време кога се стреми кон членство во Унијата, треба да воспостави слични стандарди“.

XS
SM
MD
LG