Линкови за пристапност

ЕУ ќе ја почитува волјата на Црногорците


Европската унија ќе го почитува резултатот од вчерашниот референдум во Црна Гора и преку шефот на својата дипломатија Хавиер Солана му испрати честитки на црногорскиот народ за високиот одглас на изборите и деморатскиот процес.

Унијата сепак ќе ги почека конечните и официјални резултати и ќе размисли за начинот на кој Подгорица може да продолжи да напредува во процесот на стабилизација и асоцијација.

За Солана предност пред овој процес имаат преговорите за уредување на идните односи помеѓу Белград и Подгорица а од исклучителна важност е тие односи на бидат добри и пријателски. Солана изрази надеж дека двата блока во Црна Гора, и оние што се за независност и оние што се против, ќе се договорат заедно како ќе се спроведат резултатите од референдумот. За Унијата е најважно да се одржи стабилноста на Балканот бидејќи таму се веќе вложени многу пари и труд.

Генералниот секретар на НАТО исто така ја поздрави регуларноста на референдумот но рече дека се уште не е време да се разговара за тоа дали Црна Гора може да стане членка на Партнерството за мир. Според Јаап де Хоп Схефер, косовското прашање е сосема одвоено од црногорското и тие не треба да се доведуваат во меѓусебна врска. Денес и Париз ја поздрави зрелоста на црногорското изјаснување и ги повика Белград и Подгорица да ги прифатат резултатите од референдумот во согласност со интересите на секој.

Признавање на Црна Гора денес најави Словенија. Нејзиниот министер за надворешни работи Димитриј Рупел рече дека ова ќе се случи во согласност со целата Европска унија бидејќи е веќе договорено земјите членки заеднички да донесуваат вакви одлуки.

XS
SM
MD
LG